Барањето на скопските градоначалници за одземање на ингеренциите на Град Скопје во областа на комуналната сфера е резултат на секојдневниот притисок од граѓаните, коишто со право се незадоволни од услугите, коишто се во надлежност на Град Скопје. Извесно е дека за актуелното прашање ќе се разговара на следната владина седница, со цел да се најде решение за состојбите во град Скопје, коишто секојдневно предизвикуваат нови и нови проблеми на коишто граѓаните реагираат.
Ги разбирам барањата на градоначалниците и во целост се согласувам со нивниот став дека скопјани, за жал, поради една личност, која го окупира градот, живеат во супстандардни услови. Чекорот преземен од градоначалниците е сублимат од гневот на граѓаните, кои секојдневно се обраќаат до нив. Предлогот од страна на ЗЕЛС претпоставувам ќе се разгледува на следна седница на Влада, каде што ние ќе ги кажеме своите ставови врз основа на законските механизми и сум убеден дека ќе се донесе најдоброто решение за граѓаните на град Скопје. Суштината е дека секое непостапување, согласно со надлежностите, кои се утврдени со закон и за којшто зема плата од скопјани, само по себе е прекршување на законот, коешто може да се третира и како злоупотреба на службена положба и овластување, вели министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
Тој јавно ги повикува надлежните институции, да преземат мерки и активности за да се утврди зошто градоначалникот на Град Скопје не постапува согласно со своите надлежности и со тоа го загрозува животот и безбедноста на скопјани.
Според Перински, недозволиво и опасно е по скопските улици да има неподигнат и расфрлан смет на секој чекор и тоа на енормно високи температури. Срамни и опасни се, смета министерот, неискосените тревни површини на јавните простори под градска надлежност, каде се рекреираат скопјани и играат најмладите. Истовремено, не постои соодветен збор за нередовниот и небезбеден јавен превоз, кој е единствен транспорт на илјадници граѓани.
Впрочем и скопјани секојдневно сведочат за состојбата по улиците, а социјалните мрежи се преплавени со фотографии од јавните површини. Тоа само по себе говори дека несомнено проблемот треба да се реши под итно, во согласност со закон и секој фактор да делува во рамки на своите надлежности и ингеренции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.