Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешното гостување во утринската емисија „Македонија наутро“ на Македонската радио-телевизија за Универзална сала рече дека сѐ уште не е завршен процесот за преземање на документацијата од Град Скопје.

За жал, сѐ уште топката е во рацете на Град Скопје. Имаше само гласање на седница на Град Скопје на која советниците се согласија ингеренциите за реконструкција на Универзалната сала да преминат во Министерството за култура. Се добива впечаток дека сега Универзална сала припаѓа на Министерството, а тоа воопшто не е така. Имаме само една одлука на Советот којашто градоначалничката треба да ја спроведе. Ние излеговме малку од нашите ингеренции, пред два дена испративме предлог-договор за преземање на правото за реконструкција на Универзалната сала. Апелирам што побрзо да се заврши тоа. Навистина имаме потреба од тој објект. Владата и Министерството за култура се одговорни институции, меѓутоа постапките и процедурите ќе започнат веднаш штом ја преземеме документацијата. Наша цел е што побрзо да се преземе Универзалната сала и да започнеме со интензивна работа за нејзино обновување за Скопје, за конечно главниот град да добие сала каква што заслужува една Европска престолнина на културата, рече Костадиновска-Стојчевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.