Јавното сообраќајно претпријатие Скопје апелира и бара од Владата, општините и сите должници кон претпријатието во најкус можен рок да ги исплатат своите обврски со цел да се овозможи нормално функционирање на претпријатието. Во моментов Владата, односно Министерството за образование има долг кон ЈСП од 120 милиони денари или околу 2 милиони евра за бесплатниот превоз на ученици и студентите. Дополнително неколку скопски општини му должат на претпријатието околу 40 милиони денари, истакна денеска на прес-конференција Зоран Глигоров генерален секретар на Град Скопје.

Како што рече, долговите кон ЈСП кои се бројат во милиони евра го оневозможуваат нормалниот работен тек на претпријатието и создаваат проблеми во тековната работа, односно исполнување на обврските кои претпријатието ги има кон своите доверители и обврската за исплата на плати кон вработените.

Во услови на економска и енергетска криза кога цените на горивата речиси секојдневно растат, во услови во кои ЈСП Скопје има заостанати долгови наследени од претходните раководства на претпријатието недозволиво е државните институции да се однесуваат игнорантно и да не ги исполнуваат своите обврски. Скопјани заслужуваат квалитетна и редовна услуга, но бидејќи Владата и општините не ги исполнуваат своите обврски кон ЈСП, претпријатието најавува дека од утре среда 12 часот ќе отпочне со протест пред Влада се до подмирување на долговите кон ЈСП, додаде Глигоров



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.