Нема да толерираме узурпација на јавниот простор во Општина Центар и нема да дозволиме пренамена на катните гаражи во деловен простор – рече градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во емисијата Клик плус на Тв 21.

– Ние имаме голем проблем со паркирањето и разговараме со одредени институции да го отстапат својот слободен простор за паркирање за граѓаните. Досега разговарав со директорите на Градежниот и Архитектонскиот факултет за што не најдовме решение како и со Министерството за Одбрана, но поради безбедносни причини бевме одбиени. Со правниците зборуваме за начините да се тргнат оние клацкалици. Имаме голем број згради кои според правилникот имаат паркинг место во парцелата и истите не се користат, а улиците се узурпирани – изјави Герасимовски.

За ослободување на узурпираните улици градоначалникот на Центар Герасимовски исто така најави казнување на угостителите и отстранување на нелегалните објекти.

– Подолго време разговараме на темава. Се соочуваме со проблеми со терасите особено во Дебар Маало поради тоа што тука има најмногу кафеани, ресторани, кафетерии кои што го узурпираат јавниот простор. Имавме средба со угостителите неколкупати и разговаравме, ние ги разбираме дека имаше криза и пандемија и сакаме да им излееме во пресрет но интересот на граѓаните ние пред сe. На двапати имаше предупредување за нелегално отстранување на терасите и објектите и нелегално поставување на јавниот простор и сега ќе продолжување со казнување. И со казнување и со отстранување. Во наредните неколку месеци, ригорозно ќе настапиме и сето тоа ќе се санкционира и казнува – заврши Герасимовски.

Герасимовски појасни дека се залага и ќе продолжи да се залага за подобра урбанизирање на просторот во сите урбанистички планови во општината. Како пример ги наведе и новите урбанистички планови на Кале и Француски гробишта.

– Планираме многу зеленило, намалување на висините на одредени хотели, од 6-катници со поткровје на 3-катници, нова градинка од околу 500 метри квадратни и околу 30.000 метри квадратни зеленило. Отстрануваме маркици за градба за цел појас биде зеленило, а паркинг кој требаше да биде гаража на 8 нивоа е намалена на едно со што останатиот дел е во зеленило 7860метри квадратни. Таму имаше и хотелски комплекси од приземје и два ката ние го намалуваме на 1 кат од 12 597 метри квадратни се намалува 5963 метри квадратни. На Кале за првпат има и детска градинка – изјави Герасимовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.