Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски најави набавка на нова техничка опрема, со што дополнително ќе се зголеми квалитетот на одржување на зеленилото и хигиената во општината. Јакимовски нагласи дека ефикасноста во одржувањето на хигиената во Карпош, е, во голема мера подобрена во однос на претходната година, благодарение на ангажманот на вработените и покрај тоа што беше намален бројот на работници од 130 на 90, информираат од Одделението за односи со јавноста на Општината.

Сакаме да ја зголемиме ефикасноста уште повеќе, па за таа цел издвоивме од буџетот 5,5 милиони денари, тоа е некаде околу 90 илјади евра за да набавиме нови тримери, нови смукалки и дувалки, тракторски косилки, пили за сечење дрва, телескопи за сечење гранки бидејќи многу граѓани го бараат тоа од нас и ќе набавиме три возила на електричен погон со што ќе се одржува хигиената по улиците. Со ова очекувам уште повеќе да се подобри хигиената на територија на општина Карпош. Со воведување на повеќе техника, сметаме дека и ефикасноста ќе биде уште поголема, се наведува во писмената изјава на градоначалникот.

На новинарско прашање во врска со пресудата на Уставен суд за ДУП-от кај базенот „Борис Трајковски“, Јакимовски одговорил дека за нив, одлуката на Уставниот суд е скандалозна.

Сѐ уште не сме ја добиле. Договорени сме со правобранителот да ја проучиме пресудата и потоа да свикаме прес-конференција. Ќе ги искористиме сите правни лекови, затоа што сметаме дека одлуката е тенденциозна и дека Уставниот суд се впуштил во нешто што не е негова надлежност. Од тие причини, сакаме да ја добиеме да ја изнализираме и потоа ќе го кажеме нашето мислење, истакна Јакимовски.

Тој притоа посочи дека во исто време имаат скандалозна пресуда за оној дел кај базенот „Борис Трајковски“, односно улицата што проаѓа покрај базенот кон лизгалиштето.

За експропријација на таа улица и за улици што не се направени и за улици за кои немаме ДУП, Основниот суд има пресудено Општина Карпош да плати 2 милиони евра, а Градот Скопје 3 милиони евра. Замислите, 5 милиони евра за улици што не постојат. А куриозитетот да биде уште поголем, тоа земјиште го има купено сопственикот 10,5 милиони евра. Значи за улици што не се изградени, ниту постојат во ДУП, заедно со Градот треба да дадеме 5 милиони евра, а целото земјиште е купено 10,5 милиони евра, посочува Јакимовски.

На дополнително прашање дали ќе се обжали пресудата, градоначалникот Јакимовски одговори дека пресудата е веќе обжалена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.