Директорот на скопската зоолошка градина, Кристијан Стаменов се огласи денеска по случајот со убиените коњи чие месо се користело како храна во дивите животни во ЗОО Скопје.

Стаменов објаснува што се случило и најостро ги демантира наводите дека е „убиец“ на животни. Вели, тоа е постапка која отсекогаш се спроведувала во ЗОО Скопје, односно економско искористување на животи кои не можат да бидат рехабилитирани. Додава дека е лицемерно да биде осудуван од лица кои пред него биле на истата позиција и исто постапувале, а како пример го наведе случајот со угинатата жирафа Тобого.

Најпрво би сакал да изразам жалење за информациите кои се пласираа во јавноста овие два дена. Во Зоолошката градина работам повеќе од 12 години како самостоен зоо негувател, остро ги демантирам наводите во јавноста дека сум некаков „убиец“ на животни како и лажните информации за наводните мои изјави.

Со Одлука за отстапување на стока од 11.07.2022 година од Управата за извршување на санкциите КПУ – Идризово Скопје според Решение за отстапување на стока од Агенцијата за управување со одземен имот бр. 09-2328/1 од 08.06.2022 година и Решение за отстапување на стока бр. 09-2201/1 од 31.05.2022 се отстапија вкупно 12 коњи од КПУ Идризово во Зоолошката градина, поради немање на соодветни услови за чување на истите. Овие животни биле претходно запленети од дрвокрадци, шверцери на наркотични средства итн.

Според важечка одлука на Управниот одбор на Зоолошката градина Скопје од кои последните 20год или откако постои оваа установа се врши таканаречено „економски искористување“ на животни кои во консултација со стручните лица од Зоолошката градина се во состојба пред умирање, болни, со видливи неизлечиви рани, инфекции и крајно изнемоштени животни кои не можат да бидат рехабилитирани.

Наспроти сите јавни пишувања на поединци морам да истакнам дека ова не е прв случај, вакви случаи во минатото се бројни лично сум учествувал како зоо негувател во ваква постапка и во времето на претходниот директор на Зоолошката градина. Крајно лицемерна е осудата која доаѓа кон мене токму од истите лица кои ова економско искористување го имаат и самите правено и тоа не само на коњи, туку и на останати животни, пример за тоа е жирафата која е дадена како храна за лавовите.

За разлика од претходни години сега над животните кои не можат да се спасат или боледуваат се спроведува навистина хуман третман. Можеби во јавноста овие теми не се популарни, но предметите на јавни набавки за месо кои ги спроведуваат сите зоолошки градини во светот доаѓаат дури и од здрави животни. Во Хамбург, Љубљана, Загреб, Дрезден и многу други европски метрополи спроведуваат ваков вид на хуман третман на болни животни, кои се во опасност од умирање.

Сакам изрично да одговорам на сите напади – Никогаш ниту сум имал намера ниту сум помислил да мачам изнемоштувам или убивам животни. Како зоонегувател сум посветил над 12 години од мојот живот на само на заштита на животните. Во претходниот период имавме добар пример, коњот кој го спасивме од Дебар маало беше животно во тешка состојба, но успеавме да го рехабилитираме да биде само дополнителна вредност на зоолошката градина, така сум постапувал со сите животни.

Од самиот почеток на моето назначување за в.д директор на зоолошката градина бев мета на разни напади, физички пресметки, закани, притисоци и опструкции за кои дел од нив бевте сведоци самите.

Ова што се случи и фамата која се крена во јавноста ги оценувам како злоупотреба на постапката за хуман третман која ја спроведува со години истава институција, а вклучително и секој директор на истата. Ова е директен атак против мене и моето добро работење кое резултираше со досега невидени позитивни ефекти за оваа институција, ова е напад кој можеби е и дополнителен политички притисок за мое обезвреднување. Морам да истакна дека запазени се сите законски процедури во оваа постапка која не е нималку популарна, но која е одраз само на правилно спроведување на заштитата на животните. Јас мојата невиност ќе ја докажам пред институциите, и секогаш ќе имам неизмерна љубов кон сите животни, пишува Стаменов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.