Советот на Град Скопје на денешната седница донел одлука за надоместок на материјална и нематеријална штета предизвикана од бездомни кучиња на јавни површини.

Како што информираат градските власти, со оваа одлука се утврдува вонсудско спогодување во постапка по која ќе може да се исплаќа штета согласно со судските практики.

Вонсудското спогодување е во полза на намалувањето на енормните трошоци кои произлегуваат од судските постапки и сите приружи процедури, а исто така е полезно и за оштетените во остварувањето на правото – посочуваат од Град Скопје.

Согласно со новата одлука ќе биде оформена Комисија која ќе одлучува за начинот и исплатата на штетите од каснување предизвикано од бездомни кучиња.

Комисијата ќе одлучува врз основа на правилник за склучување на спогодба со оштетени граѓани.

Трошоците за судските постапки, жалбените постапки, одговорите на жалбите, адвокатски услуги во 2020 година го чинеа Град Скопје повеќе од 15 милиони денари, во 2021 година повеќе од 26 милиони денари. Во 2020 година беа поднесени 480 тужби против Град Скопје, додека во 2021 година се поднесени 589 тужби – истакнуваат градските власти и додаваат носењето на одлуката за вонсудско спогодување ќе заштеди многу средства во градскиот буџет.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.