Уште за една недела има гориво за камионите на Противпожарната бригада на Град Скопје. Од денеска возилата и камионите на Пожарната одат да гаснат пожари во Скопје, но и надвор од градот, со резерви.

Тендерот за набавка на гориво за потребите на Град Скопје и Противпожарната бригада заврши на 26 мај, а нов тендер уште не е потпишан, па сега нема од каде да се точи гориво. Освен за Пожарната, гориво нема ниту за службените коли на Градот,објави „СДК.мк“.

 

Командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје Звонко Томевски вели дека е точно дека е завршен тендер за гориво, но во моментов нема проблем бидејќи имаат резерви за една недела.

„Сите возила и камиони имаат наполнето гориво, полни им се до крај резервоарите што е доволно за една недела. Според нашите информации тендерот е при крај, неделава треба да биде потпишан, па нема да имаме никаков проблем“, вели Томевски.

Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска ни одговорија дека тендерот е завршен односно избрана е фирма и деновиве договорот треба да биде потпишан од градоначалничката.

„Нема проблем во сегашното функционирање ниту на Град, ниту на Пожарна оти има резерви за две недели“, велат од Град Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.