Град Скопје и во 2022 година ја продолжува мерката за доделување субвенции на граѓаните за набавка на инвертер клима уреди за загревање.

Во наредниот период ќе биде распишан јавниот повик за субвенции на кој ќе можат да аплицираат сите лица кои ги исполнуваат предвидените услови, а ќе можат да аплицираат сите оние што набавиле инвертер клима уреди почнувајќи од 01.01.2022 година. Средствата предвидени за овие субвенции се обезбедени од буџетот на Град Скопје, како и преостанатите средства добиени од Владата во 2020 година.

Согласно со годинешната програма, за оваа намена се предвидени 24 милиони денари, додека на граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер клима уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето износ.

Доколку се направи паралела во трошоците за греење на стан со 60 м2 за една грејна сезона во однос на греење со термо печка, печка на дрва и инвертер клима уред ќе се добијат следните пресметки:

– Термо печка која троши 10.920 kwh електрична енергија троши околу 76.000 денари годишно;

– Печка на дрва која троши 12 м3 огревно дрво троши околу 48.000 денари годишно;

– Инвертер клима уредот на годишно ниво троши само 4.580 kwh електрична енергија, односно само 30.000 денари годишно.

Според анализата на годишно ниво ќе се заштедат околу 18.000 денари во однос на загревањето со печка на дрва или 46.000 денари во однос на загревањето со термо печка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.