Апелираме до јавноста, медиумите и оние кои сакаат да се нарекуваат експерти да не предизвикуваат паника во јавноста со паушални изјави кои не се базирани на никакви информации, вештачења ниту пак истражувања, велат од Град Скопје откако Сител објави дека мостот „Беласица“ најверојатно нема да може да се санира и ќе треба да се урне.

Во овој момент се работи вештачењето на состојбата со мостот „Беласица“ со цел утврдување дали воопшто има структурно оштетување.  Во моментот мостот е затворен како превентива, се додека не добиеме уверување од релевантните институции дека е безбеден или дека треба да се интервенира. Несериозно е од декани, неименувани експерти како и неименувани „извори“ да се предизвикува паника кај граѓаните. 

Мостот „Беласица“ во овој момент се вештачи, а во наредните неколку денови ќе се донесе и одлука за тоа дали ќе се врати во употреба веднаш, или пак ќе има било каква интервенција пред да се стави во употреба. 

Со ова, сакаме да ги демантираме и дезинформациите и паушалните раскази на медиуми кои ја користат оваа ситуација за водење на политичка агенда која на ниту еден начин не помага на разрешување на ситуацијата, велат од Град Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.