После две децении, обезбедено е ново комбе за транспорт на храна за дечињата од ЈГД „Весели Цветови“, соопшти денеска градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.
Ова возило кое се чекаше околу две децении а е по сите стандарди, сега ќе овозможи брза и навремена испорака на оброците за сите 970 дечиња сместени во градинките. Интервенираме и во делот на внатрешно опремување на градинката со 180 нови постелнини, бидејќи никој во овие 30 години не ги обновил, а се користат за мали деца. И секако, нешто на што дечињата најмногу се радуваат – нови играчки и два телевизори кои ќе им ги исполнат и разубават деновите а условите за работа ќе ги направат подобри, како донација од мене, рече Ѓорѓиевски.
Сево ова доаѓа во пресрет на 77-годишнината од постоењето на ЈДГ „Весели Цветови“ која има шест објекти на цела територија на општина Кисела Вода.
Со директорката на градинката пак, имав состанок веднаш по преземањето на мандатот и со задоволство можам да кажам дека за само три месеци, успеавме во намерата да им се подобрат условите на дечињата кои денот го поминуваат во оваа градинка. Оброците често доцнеа бидејќи возилото со кое се разнесуваа од централната кујна беше многу старо и целосно амортизирано, па новото, вредно 23.000 евра кое целосно ги исполнува пропишаните стандарди за транспорт на храна, сега брзо и навремено ќе доставува. Имено, во објектот „Синоличка“ обезбедивме простор за уште 25 дечиња, што многу значи во поглед на релаксирање на листите за чекање и за капацитетите на постојните градинки. Сепак, ова е само мал чекор во однос на она што следува во претстојниот период во сферата на отворање на нови градинки и унапредување на условите за работа во останатите постоечки објекти, вели градоначалникот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.