Општина Центар остро ги демантира наводите и шпекулациите дека санацијата на потпорниот ѕид на Клинички Центар и улица „Белградска“ се во надлежност на општината.

Овој проблем се провлекува со години и постојано одговорот е ист, безбедноста и функционалноста на „Белградска” не е наша надлежност. ЦУК и пред две години алармираше за состојбата со потпорниот ѕид кај Универзитетската клиника за детски болести и безбедноста на улицата „Белградска”. На нивна иницијатива, Министерството за здравство посочи дека за санацијата е потребна координирана активност на јавните претпријатија на Град Скопје. И тогаш, Општина Центар, на 30.12.2022, децидно одговори дека безбедноста и одржувањето на „Белградска” согласно Договорот од 05.08.2019, е обврска на Град Скопје. Да беше до нас, проблемот одамна ќе се решеше – дециден е Герасимовски.

Согласно договорот за меѓуопштинска соработка меѓу Градот и Општината, сите обврски за одржување на функционалноста на улица „Белградска”, што подразбира и градежни активности ако е потребно, е одговорност и обврска на Град Скопје, а Општина Центар не смее да презема активности во тој домен.

Во договорот децидно стои: „Општина Центар се обврзува да не презема активности кои би ги попречиле или нарушиле проектирањето, изградбата, користењето, заштитата и одржувањето на наведените сообраќајници во Општината.

Вчера се урна дел од потпорен ѕид на оградата кај Детската клиника на Клиничкиот центар во Скопје. Граѓани пријавиле на бројот 112. Првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов бара веднаш да се реши проблемот со потпорниот ѕид за да се спречи поголема катастрофа.

Но не е првпат да биде пријавено, вели Ангелов, а дописи се испратени и до Министерството за здравство, Град Скопје и Општина Центар.

Од Град Скопје се изземаа од одговорност и посочија дека Општина Центар и Министерството за здравство се одговорни за овој проблем.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.