Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска се доведува во врска со палењето на возилото на извршната директорка на Сојузот на стопански комори, Кристина Стојановиќ.

Според сторијата на Фокус, актуелната градоначалничка на Скопје на 12 мај годинава била повикана на разговор во полициска станица за опожареното возило. Кривичната пријава, која моментално се води против непознат сторител, опфаќа две кривични дела, и тоа „Загрозување на сигурноста“ според член 144, како и „Предизвикување општа опасност“. Извршната директорка само 15 часа пред да ѝ биде запалено возилото на крајот на февруари, добила заканувачка порака, која ѝ била оставена во автомобилот, во која се барало веднаш да го напушти ССК, зашто во спротивно животот ќе ѝ стане пекол.

„Имаш рок до четврток. Фино и културно. Ако не напуштиш, животот пекол ќе ти стане. Ќе ве масакрираме“, се наведуваше во пораката.

Заплетот на приказната почнува уште во декември лани, кога од раководството на Сојузот на стопанските комори било побарано да поднесат оставки и да ги напуштат функциите, пишува Фокус.

Се почнува со телефонски повици од непознати лица и писма со смртни закани упатени на првите двајца луѓе во бизнис-комората, претседателот Трајан Ангеловски и Кристина Стојановиќ. Раководните структури поминале голгота за целиот овој период, како што велат, исполнет со страшни трауми.

Запаленото возило требало да втера страв во коски и да ја постигне замислената цел – првите луѓе да го напуштат кормилото на бизнис комората, пишува Фокус, кој имал увид во докази фотографии, пораки, телефонски повици.

Екипата на „Фокус“ успела да направи увид во полицискиот записник. Таму е наведено дека заканите почнале на 9 февруари годинава, кога извршната директорка добила телефонски повик од непознато машко лице, кое почнало да ја навредува со погрдни зборови ѝ да и вели да си оди од таму каде што дошла. Кога прашала со кого разговара, телефонскиот повик бил прекинат.

Во самиот записник може да се забележи дека пред да почне голготата, на еден од состаноците на Управен одбор, лицето Драган Митковски, претседател на Сметководствена комора, за кој веќе објавивме дека е еден од поблиските соработници на Арсовска, побарал разрешување на извршната директорка, која на оваа функција била назначена од август, лани.

Истиот ден, Стојановиќ на својот мобилен телефон на апликацијата „Сигнал“ добила порака од градоначалничката на Скопје, каде што е запишан и телефонскиот број од кој ја бара, кој се совпаѓа со тој што го користи Арсовска.

„Добро утро, после она што си дозволила Трајан да го прави, топло ти препорачувам уште денес да се повлечеш од ССК“, по што за кратко време и се јавила на телефон на истата апликација и разговорот се движел во истата насока.

Според полицискиот записник, Арсовска повторно ја замолила да ја напушти функција и да му каже на претседателот на ССК, Трајан Ангеловски, да си замине и тој од здравствени причини, бидејќи можело да му се случи нешто лошо. Овој разговор цело време го слушал и сопругот на извршната директорка.

Дури еден месец подоцна, поточно на 26 јануари 2022 година, Арсовска повторно и испратила порака на извршната директорка.„Од тебе порасипано створење во животот не сум видела. Нека ти е среќа“, се наведува во пораката, со која „Фокус“ располага, стои во текстот на неделникот Фокус.

Најверојатно, причина за се е тоа што новото раководството на ССК покренало ревизија за работењето од претходната година додека Арсовска се уште била претседател. Ревизијата на работењето во ССК, со кое претходно управувала Арсовска, веќе било во тек и првичниот рок за потпишување бил на 28 февруари годинава, периодот и кога бил запален автомобилот.

АРСОВСКА, ЧЛЕН И НА СВЕТСКАТА КОМОРСКА ФЕДЕРАЦИЈА

До крајот на октомври, Арсовска ќе „прослави” една година во градоначалничката фотелја, но Данела Арсовска се уште фигурира како овластено лице на Сојузот на организации на работодавачи на Македонија (СОРМ).

Со само еден клик на нивната официјaлна веб-страница може да се прочита дека станува збор за самостојна, стручна, непрофитна и непартиска организација, основана од работодавачи и организации на работодавачи.

Според податоците од Централниот регистар, како сопственици на оваа организација се шест комори, меѓy кои и Комората на сметководители на Македонија, управувана од Митковски, еден од поблиските соработници на актуелната градоначалничка. Додека пак, Арсовска и извесен Александар Зарков фигурираат како овластени претставници.

Податоците уште покажуваат дека оваа организација е лоцирана на улицата Рилски конгрес 112 во скопската населба Кисела Вода, каде што семејството на Арсовска, поточно нејзиниот татко Ванчо Јовановски поседува стан од 115 квадратни метри, пишува Фокус.

Уште нешто, актуелната градоначалничка од 2018 година е прв македонски претставник на Светската коморска федерација со седиште во Париз. Нејзиното име се уште може да се најде како член на оваа федерација. Нејзиниот мандат истекува сега во ноември, но не е познато дали членството во таа организација се коси со нејзината градоначалничка функција.

Инаку, актуелната скопска градоначалничка, пред речиси две години, станала независен член и на Надзорниот одбор на Капитал 6aнкa, која е со доминантен бугарски капитал, поточно 98 отсто од акциите се на Алфа финанс холдинг Бугарија.

Надзорниот одбор брои вкупно пет члена, а Арсовска повеќе од една година била на таа функција. Според нашите информации, таа на оваа nозиција е именyвана на 15 мај 2020 година, со мандат од четири години.

Но, со оглед на тоа што на крајот на октомври лани беше избрана за скопски градоначалник, веќе на 4 ноември 2021 година Арсовска се повлекува од функцијата со поднесување оставка. Таа во ниту еден момент не ја спомена оваа функција како дел од нејзината биографија, наведува Фокус.

 

ТРАЈАНОВСКИ ОД ГРОМ, НОВ ЗАМЕНИК ГРАДОНАЧАЛНИК

Александар Трајановски, советник од редовите на ГРОМ, пред десетина дена беше назначен за нов заменик-градоначалник на Скопје. Со ова, градоначалничката Данела Арсовска ја зајакнува коалицијата со ГРОМ во рамки на Советот. Трајановски доаѓа од приватниот сектор u беше избран за член на Советот во Град Скопје на локалните избори што се одржаа минатата година.

Имајќи предвид дека во тек е неговиот втор мандат како советник во Град Скопје, Трајановски е еден од поискусните во овој советнички совет со долгогодишно искуство во работата на локалната самоуправа и градската администрација.

Трајановски е прва генерација стипендист на програмата „Напредно лидерство“ – АЛПИ организиран од Институтот ИРИ, Американската амбасада и Стејт департментот.

Воедно е стипендист на Институтот за јавни политики „Мајка Тереза“ поддржан од Европската Унија.

Неговото искуство во голем дел ќе придонесе во остварувањето на програмата „За модерно Скопје“ и остварувањето на интересите на сите граѓани, велат од Град Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.