Во општина Аеродром денеска, Здружението за афирмација на правата на лицата со попреченост – Икуалити го организира првиот фестивал на инклузија и уметност.
Фестивалот има за цел да внесе нова културно-уметничката содржина на Скопје и да ја запознае публиката со креативноста и уметноста на лицата со попреченост, а на сите заинтересирани изведувачи и излагачи да им обезбеди платформа каде што ќе можат да ја претстават својата креативност во сите уметнички форми: од уметност и музика до перформанс и применета уметност.
Основната цел на оваа манифестација е социјална интеграција на лицата со попреченост преку промоција на нивните можности, како и намалување на општествениот јаз и одржување кохезија.
Програмата на фестивалот почнува во 12 часот со „Интеграциска работилница за креативно изразување за лица со и без попреченост“. Работилницата ќе трае 3 часа, а од 16 часот започнува „Работилница за развивање на комуникациски вештини низ дружење со лица со оштетен вид и слух“.
Истот така предвидено е од 19 до 20 часот да има инклузивна танцова претстава – „Рефлексија“ во изведба на „Еурека“ студиото за танц. Веднаш после претставата, треба да започне музичката програма поддржана од страна на пијанистката Ема Ананиевска, а потоа следува настап на инклузивниот хор „Трисомија 21“ и „Колектив Ветерница“.
Поддршка на овој прв и единствен „Фестивал на инклузија“ ќе даде Игор Џамбазов и уште многу музички ѕвезди.
„Фестивалот на инклузија“ има за цел да прерасне во традиција преку промовирање на еден од начините за создавање инклузивна атмосфера и учество во креирањето на инклузивна културна политика на нашата заедница, во потрагата по нови стратегии за инклузија и интеграција на различни маргинални групи деца и млади.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.