Премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека Топланата „Скопје Север“ и АД „Електрани на Македонија“ (ЕСМ) денеска ги завршуваат преговорите и ќе потпишат договор за деловно техничка соработка, со што ЕСМ го презема управувањето со топланата и затоплувањето на нејзините корисници.

– Раководството на Топланата „Север“ денеска во 13 часот е на состанок во АД ЕСМ каде треба да ги заврши преговорите, да потпишат договор за деловно техничка соработка и да се обезбеди затоплување на граѓаните во општините Чаир и Бутел, како и на институциите, градинките и училиштата, со оглед на тоа дека ЕСМ го презеде затоплувањето и на тој дел, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по настанот за завршување на изградбата на магистралниот гасовод Неготино – Кавадарци – Битола.

Претходно АД ЕСМ објави дека испораката на топлинска енергија тече непречено и така и ќе продолжи и во следниот период, бидејќи за декември е обезбеден природен гас од „Макпетрол пром – гас“ и топлинска енергија од ТЕ-ТО.

Според Ковачевски, со ова се демантираат објавите дека утре ќе нема парно за скопјани и оти резерви на гас има само за уште денеска и нема нова набавка.

– Тоа не е точно, затоа што пред три дена ЕСМ имаше склучено договор за набавка на гас од „Макпетрол“ и за цел декември е обезбедно затоплување на градот Скопје, рече Ковачевски.

Тој информираше дека пристигнува опремата и се обезбедуваат дозволите за транспорт на 300 тони опрема – трансформатор од Труција, а привршуваат и ремонтите во ТЕЦ Осломеј кој треба да биде ставен во функција. Завршуваат, како што соопшти, работите на генераторот во ТЕЦ Неготино, кој што исто така треба да биде ставен во функција.

-Владата има обврска прво да обезбеди затоплување на граѓаните на Град Скопје од две причини за да може да се загреат и второ електродистрибутивната мрежа на град Скопје е направена компатибилно со затоплувањето на централно греење. Ако не е централното греење и ако 60 000 домаќинства во неколкуте општини се приклучат на средства за затоплување тогаш ќе дојде до пад на електродистрибутивната мрежа во градот Скопје, укажа Ковачевски.

Тој порача граѓаните  да не се грижат бидејќи до крајот на годината се обезбедени средства за енергенси, а за надминување на енергетската криза се предвидени и во буџетот за 2023 година.

Повторно ја повика опозицијата да не ги блокира законите кои се однесуваат на енергетиката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.