Што можеме да направиме акутно и веднаш? Тоа е поправка на оградата која е во надлежност на Министерството за здравство, бидејќи е ограда за еден објект од комплексот универзитетски клиники. И тоа ќе се реши во наредниот период од Министерството, кажа денеска Драги Тарчуговски, државен советник во Центарот за управување со кризи (ЦУК) каде што се одржа координативен состанок на кој се разговараше за опасноста од урнатиот потпорен ѕид зад Клиниката за детски болести во Скопје.

На состанокот беа претставници од Град Скопје и Општина Центар. Беа поканети и од Министерството за здравство, но тие не присустуваа, но ним ќе им биде испратен записник, кажа државниот советник во ЦУК.

Минатата недела се урна дел од потпорниот ѕид зад Клиниката за детски болести за што известија од ЦУК, а трите институции – Град Скопје, Општина Центар и Министерството за здравство не преземаа одговорност кој е надлежен.

Драги Тарчуговски, државен советник во ЦУК / Фото: Принтскрин од видео

Долгорочно, проблемот е многу посериозен и поголем доколку опфаќа целосно зафаќање на подземните води, затоа што дел од каналската мрежа е изградена во 1950-тите години на минатиот век и е уништена, затрпана, а дел се одржуваат. Целосно одржување на тој систем во моментов не е можен, поради што е потребна реконструкција и изградба на целосно нов систем, што е долгорочно решение, кое би траело со години, можеби и цела деценија. Но тоа е државен проблем кој ќе се решава во иднина, изјави денеска Тарчуговски.

Според него, може да се бара итно решение и за подземните води, кои се веќе површински води на улицата „Белградска“.

Ќе се разгледа прашањето меѓу Градот Скопје и Општината Центар за каптирање на таа вода што е само на улицата „Белградска“ и нејзино вметнување во постојната атмосферска канализација. За тоа очекувам во наредните денови да се одржи кооридативна средба меѓу Општината и Градот Скопје да се види што може да се направи како итно решение, кажа тој.

Тарчуговски вели дека ако се говори за сеопфатно решение за целокупната каналска мрежа тоа е сигурно десетина повеќе милиони евра.

Тој ѕид не се ппорава за три дена, можеби ќе се поправа цело лето, додаде Тарчуговски.

На новинарско прашање што ако Министерството не сака да го поправи ѕидот, тој рече дека веќе имаат задолжение од инспекциските служби на Општина Центар.

Градоначалничката Данела Арсовска кажа дека Градот нема документација и прво треба да се одржи состанок со Општина Центар.

Не можеме напамет да зборуваме, не знаеме какви би биле финансиските импликациии, ниту што треба да се прави, каков е каналскиот систем. Тоа е див каналски систем, кај никого не е на одржување, проблемот е поголем од аспект на тоа дека најверојатно за целосно решение, базирано на градењето што се одвивало наназад веќе децении целиот тој систем е уништен на повеќе стотици метри. Така што проблемот е многу сериозен, такви средства ниту има Општината, ниту Градот и тоа е нешто како стратешка инвестиција што треба да се направи базирано на она што го видовме дека „Водостопанство“ како акционерско друштво од државна сопственост веќе извршило студија во минатата година. Таа е сериозен, голем, стратешки проект којшто ги опфаќа сите места каде што потенцијално има канали коишто во овој момент се уништени и би требало да се ревидираат, изјави Арсовска.

Деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски апелира надлежните институции што побрзо да го решат проблемот со паднатиот потпорен ѕид во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.