Посебен режим на сообраќај ќе има денеска во Скопје поради одржување на ревијалната трка „Вози право, вози здраво”.

Повеќе од 3.500 деца и возрасни со велосипеди, тротинети, ролерки, бебешки колички и скејтборди ќе учествуваат на денешниот настан „Вози право, вози здраво“ што го организира Стопанска банка АД низ улиците на Скопје.

Трката ќе се одржи од 18 до 20 часот, со старт од Порта Македонија, десно по улицата „Димитрие Чуповски”, десно по улицата „Даме Груев”, право по булеварот „ВМРО” до крстосница со булеварот „Илинден”, лево по булеварот „Илинден” до крстосница со улицата „Наум Наумовски Борче” – Градски парк кај споменикот на Гоце Делчев.

Од тие причини, како што информираат од МВР, Одделението за безбедност на патниот сообраќај ќе превземе мерки за посебен режим на сообраќајот по горенаведените улици, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.

На стартот ќе има групни предизвици, а најуспешните ќе добијат подароци од Стопанска банка. На крајот на настанот ќе има лотарија, а ќе се доделуваат 10 SPECIALIZED велосипеди, 10 Apple часовници, како и 20 JBL Clip 4 звучници заедно со торби за велосипед.

Како што објаснуваат организаторите, добитници на наградите ќе бидат учесниците чиј стартен број ќе биде извлечен, а не тие што пристигнале први на целта. Извлечените добитници мора да се лично присутни за време на лотаријата за да го покажат својот стартен број. Во спротивно, наградата ќе биде доделена на следниот извлечен добитник.

„Вози право, вози здраво“ е ревијален настан со кој се промовираат здравите животни навики и користењето еколошки транспортни средства со кои ја чуваме животната средина, како и забавата за сите генерации, семејства и пријатели. Ова ќе биде шести пат како се организира овој настан на кој во изминатите години учествуваа десетици илјади граѓани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.