Кон крајот на оваа година ќе добиеме модерен мост со широчина од 24 метри со 4 коловозни ленти, со пешачки и велосипедски патеки од двете страни, едно вистинско архитектонско решение, изјави заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи заедно со генералниот директор на ТАВ, Неџат Курт, изврши увид во градежните работи на мостот Љубљанска во Општина Карпош за кој се одвоени над 6 милиони и 200 илјади евра и ќе поврзе два дела од градот, поточно фреквентните улици „Илинденска“ и „Скупи“, мостот ќе ги поврзе меѓу себе и општините Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, и Шуто Оризари.
„Задоволен сум од динамиката со која се врши изградбата бидејќи долната конструкција на мостот е завршена и моментално се работи на горниот дел. Веќе е завршено и бетонирањето на главните носачи, попречните носачи и плочата помеѓу крајниот столб и средниот столб и во наредниот период ќе се поставуваат скелиња за поставување на плоча помеѓу столбовите. По завршувањето на работите, ќе добиеме модерен мост со широчина од 24 метри со 4 коловозни ленти, со пешачки и велосипедски патеки од двете страни, едно вистинско архитектонско решение, кое граѓаните на Скопје и на Македонија го заслужуваат. Очекувањата се работите на мостот да се финализираат кон крајот на оваа година“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи изрази задоволство за динамиката на започнатите проекти од ТАВ програмата.
„Имаме над 76% реализација на започнатите проекти од ТАВ програмата, и реализацијата на овие значајни проекти се одвива успешно според предвидената динамика. Од вкупно 82 започнати проекти во вредност од 49,7 милиони евра, до денес се завршени 60 инфраструктурни проекти во разни општини низ државата, а тековно се работи на 22 други. За останатите 10 проекти овие денови ќе почне реализацијата“, изјави Битиќи.
Генералниот директор на ТАВ, Неџат Курт во неговата изјава рече дека мостот ќе биде голема придобивка за локалните заедници и дека ТАВ како аеродромски оператор, покрај аеродромското работење како главна дејност, со задоволство придонесува за развојот на локалната инфраструктура во Македонија.
„Како еден од 90-те специјални проекти чија вкупна вредност е 49,7 милиони евра, мостот „Љубљанска” е од огромно значење бидејќи ќе поврзе два динамични дела на град Скопје и во исто време ќе додаде вредност и придобивка за локалните заедници и особено за граѓаните на град Скопје“, рече Курт, и додаде дека тука нема да биде крајот на соработката со Владата на Македонија во делот на подобрување на инфраструктурата.
Инаку преку ТАВ програмата, Владата и ТАВ градат водоводи, канализации, спортски сали, патишта и улици, градинки, домови за стари лица, младински центри, поточно инфраструктурни проекти кои се значајни за нашите сограѓани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.