Добро организирана банда на малолетници напаѓа, малтретира и ограбува деца низ Дебар Маало. Родителите се загрижени и реагираат за безбедноста на своите деца. Бараат повеќе полициски патроли и присуство на местата каде што најчесто се собираат и се дружат младите во Центар.

Групата делува така што таргетира некој што во моментот е сам или помало друштво, заплашува и го напаѓа оној што нема да успее да им побегне. Доаѓаат организирано со повозрасни лица кои ги оставаат да хараат низ Дебар Маало, кај Градежен, во Градски парк и кафулињата и сендвичарите каде најчесто се собираат помлади. Често во себе носат и ладно оружје.

Мајка на едно од децата кои досега било нападнато во близина на Дрвен град, предупредува за насилството со кое се соочуваат децата.

После точно една недела од нападот на моето дете, вчера истата група беше забележана на Дрвен околу 22:00 часот и веднаш реагиравме, пријавивме во полиција, го викнавме син ми да ги идентификува, но за жал беше предоцна, односно групата се разбега, раскажува таа.

Дека не се чувствуваат најбезбедно да излегуваат и да се дружат низ дебармаалските улици, сведочи и млад тинејџер, кој откако бил сведок на извлекување на нож кај „Силбо“, вели сега поретко излегува навечер.

Да не стигне до тоа децата кои живеат таму веќе да не можат слободно да излегуваат на своите улици, да играат и да се дружат, родителите од едно центарско училиште на состанок со надлежните потпишале петиција со барање за редовни полициски патроли на „клучните точки“. Таа ќе биде испратена и до полициските командири, министерот за внатрешни работи и премиерот.

Посакуваме полицијата малку да ги повлече групите зошто ако ова продолжи овие „изолирани“ инциденти може да прераснат во поголем конфликт, се вели во заклучокот од родителската средба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.