Од самиот почеток на мојот мандатот почна процесот на ветинг, со цел градската администрација и јавните претпријатија да поминат низ една постапка, во која ќе имаме можност да вршиме поголема контрола во делот на превенција на коруптивното однесување, вели во интервју за МИА градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, која смета дека еден од најдобрите начини за справување со оваа негативна појава е трансформирањето во делот на дигитализацијата  и сведување на минимум на човечкиот фактор во одлучувањето за клучните процеси за граѓаните.

Арсовска вели дека отпочнале со серија процеси, кои водат во таа насока и го наведе проектот Смарт Скопје, плановите сите процеси да бидат дигитализирани, со што, како што посочи, ќе се намалат можностите за корупција.

За тоа како ќе продолжи со спроведување на своите политики, со оглед на нејзините несогласувања со советниците од партијата ВМРО-ДПМНЕ, која ја поддржа нејзината кандидатура, но потоа дојдоа и разликите и отворените судири дури и со лидерот на партијата, таа вели дека е избрана од граѓаните, како и советниците од сите политички партии и дека и таа и тие одговараат пред граѓаните за она што го ветиле пред да дојдат на овие позиции.

Во целиот склоп на политичко-урбанистички турбуленции, економско-енергетската криза, заканите и тврдењата дека нема да може да го издржи мандатот до крај, таа вели дека нема да се откаже и дека ќе издржи поради принципите во кои лично верува.

Арсовска нагласува една година по стапувањето на функцијата отпочнати се проекти коишто се важни за граѓаните, со посебен фокус на животната средина и просторното планирање и во насока Скопје да биде хумано место и согласно желбите и барањата на граѓаните.

Од проектите коишто се во тек, градоначалничката како посебно значајно го наведе обезбедувањето на функционален, ефикасен и пред се еколошки јавен превоз, а заедно со тоа и активности насочени кон системско решавање на проблемите поврзани со загадувањето.

– И покрај тоа што преземавме навистина сериозен број на активности во оваа насока, гледаме дека се додека немаме комплементарен сет на мерки за да го елиминираме загадувањето, тоа се решава многу тешко, рече Арсовска.

Поврзано со нејзината работа по мината една година на градоначалничката функција, таа говори и за чистењето на дивите депонии, за работата на администрацијата на Градот Скопје и за тоа како планира да ги реализира проектите кои ги вети во нејзината изборна програма.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.