Како кула од карти паднаа обвинувањата на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска за наводно местење на тендерот за изградбата на пречистителна станица од страна на поранешниот директор на ЈП Водовод и канализација Скопје Златко Перински откако вчера од страна на заменик претседателката на Европската инвестициска банка одговорна за Западен Балкан, Лилјана Павлова во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир се потпиша договорот за грант вреден 70 милиони евра.
Речиси поминаа повеќе од седум месеци по кавгата на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ поради обвинувањата дека наводно Арсовска го фатила тогашниот директор Перински со рачињата во медот и се обидувал да влијае на целата тендерска постапка за изградба на пречистителната станица во Скопје.
Неоснованите обвинувања кои не беа поткрепени со цврсти докази изнесени на прес-конференција на Арсовска, ги демантираше и самиот Перински, кој рече дека се е во согласност со прописите и процедурите на ЕИБ и Европската банка за обнова и развој, како и дека самата Арсовска барала промена не членовите на евалуациската комисија за изградба на пречистителната станица, без никакво образложение, за која што рече дека ја известил и ЕИБ која тогаш одговорила негативно.
Јас за ова ја известив Европската инвестициска банка која е банка лидер и која е кредитор на самиот проект тежок 160 милиони евра за ваквиот чекор и побарав мислење за ваквото барање. Европската инвестициска банка одговори за ваквото барање на Арсовска негативно. Значи она што го бараше градоначалничката не е одобрено од банката лидер. Јас не можам да си дозволам незаконито работење по ниту една цена и кога било. Ниту, пак, ќе подлегнам на притисоците. Затоа она што јас го следам е единствено законот и мислењето на релевантните институции, рече Перински.
Многу набрзо обвинувањата на Арсовска за незаконско постапување на Перински ги демантираше и Европската инвестициска банка, која преку соопштение до јавноста информираше дека набавките се спроведени во согласност со водичот за набавки на ЕИБ и во согласност со одобрената стратегија за набавки, а во текот на вчерашниот ден кога се потпиша и самиот договор меѓу Владата и ЕИБ, заменик претседателката на ЕИБ Павлова одговарајќи на новинарско прашање го потврди истиот став, а тоа е дека нема никакви неправилности во текот на постапката и дека се е водено според процедурите кои се воспоставени од ЕИБ.
Во текот на постапката и јавните набавки за пречистителната станица беа успешно завршени, не беа пронајдени никакви пропусти и добија зелено светло за потпис од страна на изведувачот и договорениот супервизор од ‘Водовод и канализација, рече Павлова.
На потпишување на Договорот беше присутна и градоначалничката Арсовска, која најдено во тесно поради неоснованите обвинувања кон Перински, изјави дека евентуалните пропусти во процесот на јавна набавка за пречистителната станица биле спречени поради нејзиното навремено делување.
Нема проблем затоа што не дозволивме да го има, изјави Арсовска.
И опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение во кое се повика на изјавите на заменик претседателката на ЕИБ Павлова, потенцирајќи дека целиот процес бил кристално чист, но Арсовска сега се претставува како спасител на проектот кој што директно пред неколку месеци го саботираше.
Овој проект беше директно саботиран од Данела Арсовска и СДС лажно манипулирајќи дека е криминален, и дека кадрите на ВМРО-ДПМНЕ се со рацете во медот. Арсовска се однесува како да има колективна амнезија на сеќавањето. И сега откако го одобри, ќе се прикажува како за спасител на проектот кој го саботираше, стои во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Овој значаен проект за изградба на пречистителна станица скопјани и за државата беше предмет на многу неосновани обвинувања и обиди за манипулација од страна на скопската градоначалничка Арсовска, но по се изгледа дека сите лажни тврдења и се удрија од глава, и истиот договор непроменет ќе биде потпишан и од самата Арсовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.