Нестручните и несериозните амандмани за ребаланс на буџетот поднесени од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го блокираа градскиот буџет за што потврда добивме и од страна на Министерството за финансии кое што не извести дека од овие причини буџетот не може да се вчита, истакна на денешната прес-конференција градоначалнилката на Град Скопје, Данела Арсовска и посочи дека се случило токму она за кое што предупредувале во изминатата недела на редовната седница за ребаланс на буџетот на Град Скопје.
Лицемерието, како што истакна таа, се гледа и во нивното инаетење.
-Иако беа предупредени од страна на стручната служба на Градот Скопје и тоа на Комисијата за финансирање која се одржа пред седницата на Советот каде што се разгледуваше ребалансот на буџетот дека во оваа форма амандманите ќе го блокираат буџетот на Град Скопје, тие одбија да ги преработат амандманите во смисла тие да бидат функционални. Оттука, не можеме да заклучиме ништо друго освен дека Трајко Славески и советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги исполнуваат единствено желбите на нивниот лидер Христијан Мицкоски за што директно трпат Скопје и скопјани, изјави градоначалничката.
Информираше дека е поднесена и претставка до Инспекторатот за локална самоуправа, а како што изјави „срамот на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и штетата на блокадата на Град Скопје” ќе се обидат да ја надминат во интерес на граѓаните.
-Лично се заложувам исто како што се заложив и на седницата на Советот да се надмине оваа состојба и да се реализираат сите проекти коишто се од интерес на граѓаните. Со блокади на буџетот како оваа од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ невозможно е да се реализираат проектите што се ветени на граѓаните и затоа апелирам до овие советници наместо Христијан Мицкоски, приоритет да им бидат граѓаните и она кое што треба да се реализира во интерес на граѓаните и истото да го демонстрираат со конструктивна соработка и со тоа што реално, а не лажно, ќе демонстрираат поддршка на програмата за градот Скопје, порача Арсовска.
Вели дека програмата мора да се реализира и затоа денеска побарала свикување на итна седница на која што ќе се изнајде решение за блокадата која што ја предизвикаа директно тие на буџетот на Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.