Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кое постои сомнение дека сторило кривично дело – Насилство согласно член 386 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, 69-годишен арачиновец, на 23 мај без дозвола влегол во канцеларијата на градоначалникот, насилно барајќи да му се додели земјиште во надлежност на Општина Арачиново. Откако не го нашол во канцеларијата, го пресретнал градоначалникот во дворот, започнал грубо да го навредува, да му се заканува и насилнички да се однесува.

Со цел обезбедување на присуството на осомничениот и непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерки на претпазливост – обврска осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, забрана за посетување на службените простории на Општина Арачиново, како и забрана за приближување или воспоставување контакти со градоначалникот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.