Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто остро реагираше во неделата и рече дека украинскиот претседател Володомир Зеленски „за среќа“ не е тој кој е повикан да оценува дали Унгарија се однесува или не соодветно како членка на НАТО.

Сијарто се осврна на неодамнешната изјава на Зеленски кој рече дека „унгарското однесување е несоодветно за една членка на НАТО“. Во интервју за фински, шведски, дански и норвешки медиуми украинскиот претседател рече дека „тоа е многу чудна ситуација, моли членка на НАТО да биде за Русија, а против НАТО?“.

Унгарија засега заедно со Турција го блокира ратификувањето на приемот на Шведска во НАТО, поради тоа што оваа нордиска земја во Европската унија ја блокира и критикува Будимпешта за наводен „недостиг од демократија“ и „недоволно владеење на правото“. Покрај тоа, Унгарија смета дека многу од мерките коишто ги презема западниот блок земји во однос на војната во Украина не водат кој постигнување мир.

За среќа, тој не одлучува за тоа… Унгарците платија висока цена за војната во Украина. Многу Унгарци, припадници на унгарската заедница во Закарпатие загинаа во војната, го цитира Сијарто унгарската новинска агенција MTI.

Од самиот почеток на војната во Украина, унгарските власти повеќепати потенцираа дека нема да им доставуваат оружје на властите во Киев и нема да дозволат други земји да го транспортираат преку нивна територија, за на тој начин да ги ги обезбеди етничките Унгарци кои живеат во Закарпатие. Оваа одлука е вградена во Унгарија на законодавно ниво.

Последните месеци тензиите повторно дојдоа во прв план откако, како што известуваат унгарските медиуми, во Закарпатие се спроведува најголемата мобилизација од почетокот на руската инвазија ланскиот февруари, којашто се должи според нив на големите загуби во жива сила на Закарпатската 128-ма планинска јуришна бригада во борбите во феварури годинава кај Соледар во југоисточната Доњецка област.

Весникот Ripost тогаш објави дека украинската безбедносно-разузнавачка агенција Служба за безбедност на Украина (СБУ) им забранува на роднините на загинатите украински Унгарци да ги бараат преку социјалните мрежи и да објавуваат за нивните загинувања. Тогаш Сијарто изјави дека Унгарците од Закарпатие „жестоко“ и под „притисок“ се мобилизираат во украинската војска, како и дека многумина од нив гинат.

Доколку украинскиот претседател мисли да и се заблагодари на Унгарија што прими и се грижи за повеќе од милиони бегалци од Украина, и ако се заблагодарува за постојаната помош што ја испраќаме, тогаш велиме секако, тие можат да сметаат на нас и во иднина, напиша Сијарто во неделата на Фејсбук.

Зеленски во споменато интервју запраша дали може земја членка на НАТО „да поддржува земја којашто Алијансата ја нарекува непријател“, алудирајќи на добрите односи меѓу Унгарија и Русија, пренесе украинскиот порталот Рубрика.

Верувам дека тоа е несоодветно однесување. Тоа е мое субјективно мислење. Да се биде сојузник не е само збор, тоа има и значење. Тоа е сојуз на држави кои споделуваат ставови за безбедноста, за вредностите, рече Зеленски.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан се спротистави на изјавата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој во текот на неодамнешната посета на Киев рече дека на Украина местото ѝ е во Алијансата.

Ако сте дејуре сојузник, а дефакто работите против тоа, не би требало да оценувате дали треба Украина да влезе во НАТО или не. И не би требало на тој пат да поставувате поречки, рече Зеленски.

Зеленски во тој разговор, исто така, потврди дека Украина се подготвува за противофанзивата којашто ја најавува речиси половина година и изрази уверување дека таа ќе биде успешна. Истакна дека исходот ќе зависи од самата Украина, како и од помошта на нејзините западни сојузници. Истакна дека војната во Украина би можела да трае со децении, и оти затоа тоа „би било мудро“ другите нации „да ѝ пружат помош“ на Украина, „бидејќи тоа е поисплатливо од ескалација на ризикот од Трета светска војна“.

Унгарските функционери уште многу пред руската инвазија во Украина, поради нерешени прашања порачуваа дека ќе поставуваат услови на евратлантските амбиции на Киев. Односите меѓу Унгарија и Украина се влошени откако по превратот во 2014 година во Киев беа укинати правата, вклучително и за користење на јазикот како службен во западниот украински регион Закарпатие каде што живеат околу 150.000 етнички Унгарци. Киев особено ја разгневи Будимпешта кога во 2017 година го воведе законот со кој во училиштата се забранува користењето на јазиците на малцинствата, вклучително и унгарскиот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.