Министерот за туризам во Бугарија, Христо Проданов повика на строга контрола при влез во земјата, но да не се затвора пристапот до бугарските зимски центри за туристите од Македонија, Србија, Турција и Израел.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Проданов вели дека од овие земји се направени над 100.000 резервации за следните месеци.
Тој рече дека четирите земји првично биле ставени на црната листа на бугарските здравствени власти, со што зимската сезона предвреме би завршила, но дошло до промена на наредбата откако разговарал со министерката за здравство Асена Шербезова.
Проданов посочи дека туристите од овие земји при влез во Бугарија мора да имаат сертификат и валиден ПЦР тест.
Тогаш не треба да има пречка за влез на овие луѓе. Овие мерки важат за сите граѓани на ЕУ. Битката е здравствениот систем да издржи за да има каде да се примаат болните – рече Проданов.
Според него, засега зимската сезона добро се одвива и вака ќе заврши доколку нема итна ситуација поврзана со пандемијата. Како што рече, се очекува оваа сезона да биде значително подобра од претходната.
Проданов смета дека евентуалното ограничување сега може да доведе до долгорочни последици, бидејќи Бугарија инвестирала многу пари во рекламирањето во овие земји за да привлече туристи во своите одморалишта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.