Финансиските регулатори во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, единаесетта година по ред ја одбележуваат Глобалната недела на парите што оваа година ќе се одржи од 20 до 26 март 2023 година.
Годинешнава тема „Планирајте си ги парите, засадете ја иднината“ (Plan your money, plant your future) е посветена на одржливоста и подигнувањето на свеста од последиците на индивидуалното финансиско однесување не само врз финансиската иднина, туку и врз животната средина и општеството. Учесниците на Глобалната недела на парите можат на оваа тема да учествуваат во активности преку кои ќе се нагласи важноста на финансиските одлуки за социјалната, економската и финансиската одржливост. Оваа тема ги поттикнува младите луѓе при носењето на нивните финансиски одлуки да гледаат долгорочно и да го имаат предвид влијанието врз животната средина и општеството.
Активностите за време на Глобалната недела на парите годинава главно ќе се одвиваат преку предавања и објави на едукативни материјали на интернет-страниците на институциите и социјалните мрежи. Предавањата ќе бидат наменети за учениците од основните и од средните училишта од нашата земја, како и факултетите, на теми од областите што ги покриваат одделните институции, поврзани со функционирањето на финансискиот систем.
Народната банка ќе организира едукативен караван за учениците од основните училишта од руралните средини преку виртуелни предавања, едукативен квиз за учениците од едно средно економско училиште и виртуелно предавање за студенти од еден факултет. За време на Глобалната недела на парите ќе се одржи и националниот натпревар за Европскиот квиз на парите 2023 година во чија организација е вклучена и Народната банка. Исто така, ќе бидат споделени објави за остварените активности на социјалните мрежи.
На светско ниво, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот, во која се опфатени 53 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и ги зголемува нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година, младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат финансиските и образовните институции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.