Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, денеска и утре ќе престојува во официјална посета на земјава, каде како што е најавено, ќе ја предводи делегацијата на ЕУ на 16-тиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Македонија.

Борел, според агендата, денеска ќе се сретне со премиерот Димитар Ковачевски, а утре ќе претседава со Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и земјава, каде Македонија ќе ја претставува премиерот Ковачевски, а Европската комисија ќе ја претставува комесарот Оливер Вархеи.

По Советот, во 11:30 часот ќе следи заедничка прес-конференција.

За време на посетата, Борел, како што е најавено, ќе оствари повеќе билатерални средби, меѓу кои и со претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и со претседателот на Собранието, замениците-претседатели, координаторите на политичките партии и претседавачи на Националниот совет за евроинтеграции и на Комисијата за европски прашања при Собранието на Македонија.

Борел во земјава доаѓа од Албанија, каде имаше средба со албанскиот премиер Еди Рама и ќе претседава со 12-тиот Совет за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Албанија.

Овие посети, како што е најавено, се можност да се разговара за билатералните односи меѓу ЕУ и Албанија и ЕУ и Македонија, во согласност со нивните договори за стабилизација и асоцијација и да се разгледаат најновите случувања во двете земји и во Западен Балкан. Ова е првпат советите да се одржуваат во Тирана и Скопје.

Борел, по Скопје на 18 март заминува во Охрид, каде премиерот Ковачевски ќе биде домаќин на средбата на претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти, како дел од дијалогот Белград-Приштина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.