Со ребалансот на буџетот нема никакви големи промени за подобрување, туку има намалување на индустријата и власта создава механизам за блокада на општините преку намалување на капитални дотации или финансирање за водовод и канализација, за потоа да може да бара изговор и да вели дека општините не работат – изјави за „Отворено“ на ТВ24, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски.

Тој потенцира дека проекциите кои ги гледаме на овој ребаланс на буџетот, наместо да ги намалат оние јазови кои ќе се створат, тие дополнително ги зголемуваат, а кога се работело буџетот за 2022 година власта веќе знаела дека ќе има криза затоа што и претседателот Стево Пендаровски изјави дека уште на 5 ноември знаел и ги информирал во владата за претстојната криза.

Целите ги поставуваше актуелниот премиер кој тогаш беше заменик министер за финансии и тој не убедуваше дека буџетот е развоен и нема непродуктивни трошоци, а по само пет ипол месеци да излезе и да каже дека ќе крати на непродуктивни трошоци. Така што не гледаме некакви промени освен интенции за намалување на индустријата и за блокирање на општините и сметам дека преку овој ребаланс власта ќе воведе механизам за блокада на општините за да може како изговор во наредните месеци да се кажува дека градоначалниците се неспособни и дека единиците за локална самоуправа не си ја работата – истакна Здравковски.

Тој истакна дека власта е свесна дека нема пари и од самиот ребаланс се гледа дека се оди во одбрана на нешто што не е одбранливо, наместо да се направи реална проекција. Здравковски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ има поднесено амандмани за ребалансот да застане на страната на економијата.

Како политичка партија имаме поднесено 174 амандмани кои се направени и по барање на граѓаните, но и на коморите, синдикатите. Одговорноста е на пратениците и треба да имаме ефикасна расправа да ги согледаме фактите, да ги погледнеме барањата и да донесеме документ кој понатаму би го запрел ова темпо на инфлација и ќе застане на страната на економијата – изјави Здравковски.

 

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.