Заврши средбата меѓу лидерите на албанските партии во Македонија и албанскиот премиер Еди Рама.
На средбата присуствуваше и министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка.
Рама на фејсбук објави фотографија од средбата со новогодишна честитка до со сите Албанци, како што наведува, каде и да се.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети, пак, кој на средбата со Рама во Тирана пристигна во придружба на првиот вицепремиер Артан Груби, за ТВ21 рече дека во пријателските и братски разговори ќе се разгледаат сите теми.
„Средбата е пријателска и братска, темите ќе видиме да ги разгледаме сите теми кои што мислиме дека се корисни, особено ме интересира зајакнувањето на заедничката стратегија за приближување на патот кон Европската Унија, а тоа е исклучително важна мисија за нашите земји, исклучително важна за зајакнување на мирот, стабилноста и напредокот на економијата. И тука најмногу ќе го фокусирам моето внимание“, изјави Ахмети за ТВ21.
Учесници на средбата се Али Ахмети од ДУИ, Африм Гаши од Алтернатива, Мендух Тачи од ДПА и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците.
Поканата ја одби Биљал Касами од Беса.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата изјави дека средбата поминала во позитивен и братски дух.
Според Ахмети, иднината на двете земји е во ЕУ и предизвиците што ги очекуваат во овој период се заеднички и за Албанија и за Македонија, затоа, според него, потребна е заедничка координација.
Тој го потенцираше заминувањето на младите од Македонија, но и од Албанија, нагласувајќи дека треба многу да се работи за да се усогласат нашите стандарди со оние на земјите од ЕУ за да се спречи натамошното иселување.
Првиот човек на Алијанса за Албанците Арбен Таравари изјави дека средбата повеќе наликува на вечера за почеток на новата година.
Тој нагласи дека на средбата се разговарало за предизвиците што ги очекуваат нашите две земји на патувањето кон ЕУ и оти го уверил премиерот на Албанија дека не постои албанска партија која е против интеграцијата на земјата во ЕУ и со тоа дека се за уставни измени.
Таравари не сакаше да го коментира неучеството на лидерот на Движењето Беса, Биљал Касами нарекувајќи го тоа нешто лично.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, по оваа средба изјави дека не разговарале за ништо конкретно, освен за заедничката иднина на двете земји во Европската унија.
„Братска средба си посакавме една на друга и на сите Албанци нова година. Зборувавме за нашата заедничка иднина на патот кон Европската унија, а не за нешто поконкретно. Ви благодарам! Среќно!“, рече Тачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.