Телото на Македонскиот научник Васко Саздовски сè уште не е донесено во земјава. Трае административната процедура за Сазадовски да биде дома. Премиерот Христијан Мицкоски вети дека ќе помогне на семејството за транспорт на настраданиот Македонец, како и за погребната церемонија. Поддршка семејството има и од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, македонскиот Конзулат во Белград, српската Влада, како и Институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде Саздовски работеше.

-Во текот на вчерашниот ден се слушнав и комуницирав со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој воспостави контакт со неговиот српски колега. Работиме и ќе помогнеме се што е потребно за да, колку што можеме да ја ублажиме болката поради овој немил настан, рече пред два дена претседателот на Владата.

Во Војводина е трет ден на жалост за 14-те жртви од уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад. Тројца од повредените се уште се во критична состојба, обвинителството досега сослушало 40 лица меѓу кои и министерот Горан Весиќ. Започна погребот на жртвите, а граѓаните со цвеќиња и свеќи им оддаваат почит на жртвите.

Трите лица кои беа тешко повредени во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад се уште се во тешка состојба и нивните животи се во опасност.

Поради оваа трагедија од граѓаните беа организирани два протести, во саботата во Нови Сад и во неделата во Белград. Новосадската опозиција најави голем протест за вторник во 18 часот пред железничката станица. Граѓаните бараат оставки од министерот за градежништво Горан Весиќ, премиерот Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад Милан Ѓуровиќ.

Во моментов главна полемика се води за прашањето за настрешницата што се урна, дали е реконструирана или не. Претставници на властите и на кинеската компанија која ја реконструираше Железничката станица тврдат дека настрешницата не е реконструирана, а инженерите и граѓаните го тврдат спротивното, дека е реконструирана.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад до вчера сослуша 40 лица, меѓу кои и министерот за градежништво Горан Весиќ, директорот на Институтот за заштита на спомениците на културата во Нови Сад, одговорените во „Железници на Србија“ и „Железничка инфраструктура на Србија“ и одговорните за изведување на работите.

Се собира доказен материјал меѓу кои е и документацијата на Министерството за градежништво, која ќе биде предадена на стручни лица на понатамошна обработка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.