Собранието денеска треба да ја почне 115. седница на која треба да ја утврди потребата за носење на неколку закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д.

На дневен ред на седницата се Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Македонија, по скратена постапка, како и измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење, Законот за експропријација и на Законот за работните односи, сите по скратена постапка.

Овие закони, како што предложи Владата која е предлагач, ќе се разгледуваат на Комисијата за европски прашања односно тие се со европско знаменце.

За изградба на автопатиштата Струга – Ќафасан, Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар – Букојчани, пратеници претходно побараа измени на осум закони, но бидејќи тие се блокирани од страна на опозицијата, решивме да предложиме измена на пет закони, но со европско знаменце, изјави првиот вицепремиер и координатор за следење на работите за проектот за автопатиштата, Артан Груби на прес-конференција во Владата пред неколку дена.

На ваквата најава реагираа од Канцеларијата на ЕУ во Скопје наведувајќи дека употребата на европското знаменце на предлог закони за изградба на автопатиштата од „Бехтел и Енка“ не е оправдано и нема врска со реформската агенда за ЕУ.

Реагираа и опозициските партии кои најавија дека ќе има кривични пријави. Од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека нема да поднесат многу амандмани бидејќи, според Деловникот, дебатата за законите во Комисијата за европски прашања треба да заврши за два дена. Левица, пак, преку соопштение најави дека подготвила над шест илјади амандмани.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“ од претседателот на Собранието Талат Џафери бара да ја врати во Владата Информацијата за содржината на Предлог-преговарач

Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски рече дека е многу јасно дека е прекршен Деловникот и процедурата.

Нови законски решенија во скратена постапка со европско знаменце стигнуваат во Собрание за два дена се ставаат на пленарна седница без можност да ги разгледаме, а од друга страна имаме информација за состојбите во Судскиот совет поднесена минатата недела, која била на превод, рече Мицевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.