По барање на студентите од Универзитетското студентско собрание, денеска пратеничките Моника Зајкова и Фиснике Бектеши и претседателот на Универзитетското собрание при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Славчо Темелковски извршија увид на просториите во студентскиот дом „Стив Наумов“, со цел да оценат дали поправките и реновирањето се одвиваат согласно предложениот Акциски план за реализација во студентските домови на активности побарани од студентите на Министерството за образование и наука.

Импресиите се лоши, очигледно е дека е потребно да се санираат студентските домови од корен, особено „Стив Наумов“. Првиот и вториот блок се реновирани во 2009 година, а гледаме дека зградите се тотално вон употреба и тоа е засрамувачки. Не може во толку краток период да бидат во толку лоша состојба. Тоа што го видовме во оваа зграда што е пуштена во употреба е дека треба под итно да се санираат и реконструираат и тоалетите, но и да се подобрат условите за живот, изјави Зајкова.

Таа додаде дека како Собрание, тоа што можат да го направат е да свикаат јавна расправа и таа да оди во формално работно тело, да се дебатира и да се извлечат заклучоци што ќе ги обврзат институциите да постапуваат.

Институциите треба да ја преземат работата во свои раце и да обезбедиме подобри услови. Ова сега во моментот е далеку од добри услови за живеење, вели пратеничката.

Виктор Велевски, директор на Државниот студентски дом – Скопје најави дека во тек е завршната фаза на проектот за реконструкција на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“.

Очекуваме во март 2023 година да почнат темелни градежни активности. Како студентски дом се изборивме во овој проект да влезе и мензата во студентскиот дом „Гоце Делчев“ што претходниот пат кога се реновираше домот, остана во таа состојба каква што е, истакна Велевски.

Со реновирање ќе почнат зградите 1 и 2 во „Стив Наумов“ коишто иако се обновени во 2009 година, тие не се во функција. Како што најави Велевски, целосно ќе се реновира и зградата 3, но и мензата во домот.

Ние како студентски дом со средствата што ги имаме на располагање, што ги добиваме од страна на Министерството за образование и наука санираме толку колку што можеме. Како што сега видовте сега се варосува, првпат од 1991 година, сменивме плочки, а ставени се и врати, соопшти директорот Велевски.

Темелковски вели дека како Универзитетско собрание при УКИМ, за помалку од три месеци успеале да ја поведат иницијативата да ги посетат сите студентски домови.

Бидејќи не сум дел од домовите сакав да ги посетам и да се запознаам со состојбата внатре. Би рекол дека со тек на време успеавме да оформиме една слика околу тоа каква е состојбата и кои би можеле да бидат идните чекори за решавање на истата ситуација. Студентите најмногу се жалат на тоалетите и хигиената. Мислам дека доколку се реши тој проблем ќе има поинаква слика за домот. Но, не можеме како општество да се задоволиме со тоалети и хигиена, студентските домови во регионот се на едно многу повисоко ниво од кај нас, заклучи претседателот на Универзитетското собрание.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.