Секој 8-ми март е симбол за подарок на цвет како израз на почит кон жените, но исто така и потсетник за нашата упорна борба за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Важно е да разбереме дека треба да работиме заедно секој ден, за да се осигура дека жените се чувствуваат важни, издигнати и почитувани секој ден, а оваа година им порачувам на сите мажи и жени, секој ден да биде 8-ми март, потенцираше денеска во Собранието претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка Моника Зајкова.
-Свртете се во салата и погледнете колку колеги мажи има присутни! Да не дозволиме само еден ден во годината жените да се чувствуваат важни, издигнати и почитувани, а останатите 364 дена предмет на вербално и физичко насилство. Трнливиот пат кој што сме го поминале низ историјата е доказ за нашата сила, упорност и истрајност. Своевиден потсетник дека можеме да издејствуваме промени и дека сме способни да ги надминеме разликите за доброто на нашата држава. Во моментов, во нашето општество постои поделеност на леви, десни и централни партии, но жените се тие коишто треба да ги надминат разликите и да работат заедно за доброто на граѓаните, а не само да ја следат партиската идеологија, на што за жал се повеќе сведочиме. Покажавме дека знаеме како да бидеме храбри, одлучни и добри лидерки, додаде таа.
Зајкова истакна дека борбата против родово насилство и дискриминација се уште трае и бара нашата посветеност и труд за нејзино целосно сузбивање, а според неа важно е сите заедно да работиме на мотивирањето и поттикнувањето на учеството на жените во бизнис заедницата, како и на изедначување на нивните плати со мажите.
-Со влегувањето во политиката, сакав да послужам како пример за младите жени и да им покажам дека можеме да придонесеме многу за општеството. Борбата за родова еднаквост е борба на сите нас. Таа ќе продолжи додека секоја жена не биде еднакво почитувана и вреднувана како интелектуално развиено битие, а не само за исполнување на квотата- жена, рече Зајкова.
Таа исто така испрати порака дека треба да работиме на едукацијата, да ги учиме децата дека и жените можат да бидат војници и мажите шминкери и да придонесеме кон рушење на закоравените стереотипи дека има поделба на „машки” и „женски” професии, да го ослободиме нашето општество од оковите на патријархалното општество и да започнеме да го негуваме духот на либерализмот и зајакнување на моќта на индивидуата.
Ова обраќање на претседателката на ЛДП Моника Зајкова служи како силен потсетник на значењето на Меѓународниот ден на жената и потребата од континуирана борба за родова еднаквост.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.