По седницата на Централното претседателство на Алијанса за Албанците (АА) што се одржа викедов и најавите дека во текот на неделава партијата ќе формира комисија којашто би преговарала за евентуален влез во Владата, вчера со свои ставови околу можноста АА да влезе во Владата излегоа помалите владини коалициски партнери.
Од Алтернатива сметаат дека нема потреба да се преговара со Алијанса за Албанците, оценувајќи дека улогата на оваа партија во Владата би била „да го амортизираат расколот во ДУИ“. Од Алтернатива сметаат и дека е логично оној што е во неволја, да отстапи дел од владините ресори што ги води.
– Логично е тој што е во неволја да биде подготвен да надомести со ослободување на дел од ресурсите што моментално ги води. Сакаме да го нагласиме ова. На Алијанса не и требаат функции за гласање на уставните измени, доколку се искрени во нивната посветеност за ЕУ. Истовремено, не ја прифаќаме тезата дека поради тоа што Алтернатива има помалку пратеници од Алијанса, мора да плати политичка цена со кадровски отстапки. Секој што заборава дека пред само 12 месеци, Алтернатива беше клучен фактор за спас на Владата и со тоа овозможи разговори со ЕУ, всушност го поткопува и загрозува коалицискиот потенцијал на проевропските сили во Македонија. Ако политичкиот договор со Алтернатива не се почитува до крај, зошто некој друг би верувал дека вреди да се здружи со тие што не ги исполнуваат обврските?, посочија вчера од Алтернатива.
Сличен став има и Демократскиот сојуз, од каде вчера изјавија дека ќе поддржат реконструкција на Владата само доколку се обезбеди соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници, што е во согласност со Амадманот 6 од Уставот.
Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов вчера пред состанокот на премиерот Димитар Ковачевски со лидерите на коалициските партнери изјави дека инсистираат на почитување на Уставот и дека само во тој случај ќе поддржат реконструкција на Владата. Трајанов смета дека ДУИ треба да отстапи две министерски места.
– Значи соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта и во другите институции. За тој принцип се залагам. И доколку така се компонира новата влада или реконструирана влада ќе поддржам. Во спротивно не сме подготвени како партија да прифатиме уцени. Таа партија што има проблеми со парламентарната група треба да ја плати цената. Сега ДУИ има шест министерски места. Ако сака нов партнер, тогаш треба да отстапи две места. Тоа би било во ред. Но, генерално мислам дека соодветната застапеност значи некаде пет до шест министерски места. Бидејќи така сме поделени, така е конципирано во Уставот за соодветна застапеност на етничките заедници и така треба тоа да се спроведува во пракса, изјави Трајанов.
Тој додаде дека нема ништо против Алијанса, но дека се залага за почитување на принципите и на Уставот.
– Не сум против. Јас сум за принципи да владеат во државата. Апсолутно мене не ми пречи ниту Алијанса. Веројатно, и таму има добри кадри, но треба да се почитуваат принципите коишто се воспоставени во државата. Во спротивно, како што реков, ќе има последици. Преседанот може да предизвика нови последици во понатамошниот период, рече Трајанов.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера во Клубот на пратениците одржа работна вечера со лидерите на коалициските партнери. Изјави по средбата немаше, но премиерот Ковачевски на Фејсбук објави дека на работната вечера се разговарало за активностите што треба да се преземат годинава.
– Во пријатна атмосфера разговаравме за активностите во претстојната 2023 година, за мерките и политиките на Владата за справување со глобалната енергетска криза, економскиот развој и енергетската транзиција, за имплементација на владината програмата, реформите за европскиот пат и чекорите за обезбедување европска иднината на државата, напиша Ковачевски на Фејсбук.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.