Граѓаните почнаа да го плаќаат данокот по здравјето од загадениот воздух. Алармантното ниво на опасните ПМ честички веќе ги полни болниците а први на удар се децата и хронично болните. Лицата со астма и ХОББ се чести пациенти на Пулмологија поради влошување на нивната состојба а на клиниката деновиве имаат гужви и во амбулантите.

Се жалат на кашлица, отежнато дишење, некои имаат и свирење во градите. Дел од нив се хронични пациенти кои се редовни наши пациенти но поради влошување на состојбата повторно доаѓаат, но има пациенти кои за прв пат се жалат на овие симптоми, вели проф. д-р Дејан Докиќ, директор на Клиника за пулмологија, за „Сител“.

Од најмало кивање, тешко дишење до фатален исход се симптомите и последиците од загадувањето. Но како граѓаните да ги прочистат белите дробови од отровите што ги дишат?

Доколку нема потреба да се излегува во најкритичните периоди, луѓето кои имаат хронични заболувања да останат дома, но тоа секако е привремено решение. Доколку мора д аизлезат да носат Н95 маска, некој ќе рече повторно враќање на маските, но маските штитат и од вирусите кои овој период се доста зголемени, вели Докиќ.

Со години наназад лекарите ги третираат последиците од загадениот воздух, наместо, како што реагираат граѓани на социјалните мрежи, некој да ги третира причините. Додека се најде решение, единствениот спас од сивилото, маглата и опасните честички е или седење дома или одење на планина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.