Поранешниот премиер Зоран Заев реагира на јавното обраќање на австрискиот амбасадор, Георг Вуцас, околу спречување на судска наплата на штета во интерес на австриска компанија во која, како што тврди амбасадорот, е инволвирана братучетка на Заев.

Целосно се оградувам од било каква моја инволвираност во споменатиот деловен спор што се води во судовите. Колку што гледам и читам од соопштението на амбасадорот, овој судски деловен процес е јавен и транспарентен како и сите други судски процеси. Законите важат еднакво за сите и убеден сум дека судот ќе донесе законита одлука како и впрочем се очекува без разлика за кој грагјанин или правен субјект се однесува.

 

Јас можам само да апелирам судот и правосудните органи, како и било која друга институција да си носат исклучиво законски одлуки и да не дозволат никој да им влијае на работењето и одлучувањето. Ако амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш моето име во ваква негативна конотација нема да можам ништо друго да превземам освен што ќе морам да ги тужам за нанесена штета врз честа и угледот.

Јас се сметам за пријател на Австрија и за време на мојата одговорност како премиер сум воспоставил одлични пријателски релации и соработка со Австрија. Така што нема да дозволам првиот претставник на Австрија во Македонија со ваква леснотија и без било какви докази и аргументи да го валка моето име. Следното споменување на моето име на ваков начин ќе значи дека ќе треба да се видиме на суд со амбасадорот на Австрија за да покаже и докаже било каква моја инволвираност, во спротивно ќе барам јавно извинување, надомест на штета за нарушени чест и углед и лично ќе го известам австриското МНР и Владата на Австрија за ваквиот однос на амбасадорот на Австрија, стои во реакцијата на Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.