Партиската припадност е клучна за вработување во јавниот сектор, сметаат мнозинството граѓани во најновата анкета која за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според неа, 41,3% од граѓаните сметаат дека при вработување во јавната администрација најважна е партиската припадност. 26,5% сметаат дека вработувањата одат според критериуми во кои најважни се професионалниот капацитет и квалификациите додека 21,6% се на ставот дека при вработувањето, клучни се роднинските и пријателските врски.
Новите огласи за вработување пред избори, според три четвртини од граѓаните или точно 75,2% се предизборна манипулација додека само 8,3% сметаат дека станува збор за реална потреба.
И тука Македонците и етничките Албанци имаат прилично спротивставени ставови. Додека 84,9% Македонци сметаат дека огласите за вработување пред избори се само изборна манипулација, ваков став делат близу двојно помалку етнички Албанци или 46,7%. Меѓу нив, 20,1% сметаат дека огласите за вработување пред избори се реална потреба, став кој го делат само 4,2% Македонци.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена од 28 февруари до 3 март оваа година врз репрезентативен примерок од 1107 испитаници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.