Бројот на граѓани каснати од бездомни кучиња од година во година расте. Во 2020 година имало 1.062 напади од бездомни кучиња врз луѓе, во 2021 година има 1.315 пријавени напади, во 2022 година до крајот на октомври 1.283 напади на кучиња, или, вкупно 3.660 напади за последните три години, покажуваат податоци на МВР кои ги побарал Центарот за управување со кризи.

Од овие напади во Скопје се случиле 1.853, во Кичево – 439, Велес – 250, Струга – 177, Тетово – 170, Битола – 149, во Прилеп – 122, Гостивар – 98, Куманово – 75, Охрид – 50.

– За да биде состојбата посериозна, од овие нападнати 498 се деца. Ако на тоа додадеме дека има одредена бројка на напади кои ги немаме во систем, тогаш состојбата е уште поалармантна – рече директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.

Тој рече дека се одржала координативната средба со претставници на МВР, АХВ, на ЗЕЛС, на Град Скопје, на Лајка, на Анима Мунди, Ветеринарна комора и Кинолошкиот сојуз, на која се разговарало за овој, како што рече, исклучително комплексен проблем кој бара интердисциплинарно решение.

Од неформални информации, како што посочи, во одредени општини бројот на напади е значително поголем од пријавените напади.

– Во Скопје сметаме дека аналитиката и статистиката се најпрецизни. Каснатите граѓани се поучени од страна на адвокати дека за секој напад на куче може да добијат одредена оштета што ги мотивира граѓаните да ги пријавуваат сите напади. Ги повикувам сите засегнати граѓани кои ќе бидат нападнати од улично куче да го пријават нападот на бројот 112. Од страна на МВР ќе бидат преземени сите соодветни мерки и на тој начин ќе воспоставиме и пообјективна контрола врз бројот на напади на улични кучиња врз граѓани на цела територија на државата – рече Ангелов.

Стратешки момент на кој треба да работиме организирано, рече Ангелов, е масовна стерилизација на уличните кучиња.

– Потребна е едновремена акција, а кога би била на идеален начин направена би можеле отприлика за три месеци околу 75 отсто од кучињата да ги стерилизираме. Со 75 посто стерилизација на уличните кучиња нивниот број нагло ќе падне бидејќи нема да можат да се размножуваат – смета Ангелов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.