Претседателот Стево Пендаровски, зборувајќи за извештајот на ЕУ на форумот организиран од СЕП, оцени дека законите во Македонија се применуваат селективно, сугерирајќи дека тие што имаат пари и статус – не одговараат.

Во текот на изминативе 17 долги кандидатски години, сведоци сме на многу започнати, а недовршени реформи и уште повеќе на бројни донесени, а селективно спроведени европски закони, рече Пендаровски за да подоцна додаде и објаснување.

Круцијален предуслов за правна држава е борбата против организираниот криминал, високата корупција, клиентелизмот и воопшто, двојните стандарди при имплементација на законите која што често зависи од нашата имотна состојба, општествен статус, етничка или политичка припадност, рече претседателот, со порака дека немаме веќе простор за вакви импровизации.

 

Околу ваквиот став на Пендаровски се огласи и министерот Маричиќ.

Апсолутно се согласувам дека немаме време за импровизација и дека не импровизираме. Направивме големи напори кои се и валоризирани во Извештајот на ЕК. Преговорите ги тераме со високо сериозно присуство и професионалност и во Брисел и тука. Скрининзите течат веќе втор месец, а од 7 ноември почнува и билатералниот дел на скринингот. Така што, од наша страна нема никаква импровизација.

Спроведувањето на законите е предизвик подолги години. Ние како Влада се обидуваме да ги спроведеме максимално неселективно. Секако дека има простор за подобрување. Секако дека има делови од законски рамки кои се спроведуваат селективно, но наша задача е секоја година да сме подобри и да ги исправаме овие грешки, рече Маричиќ.

 

Притоа додаде дека кога би било се неселективно и се без исклучок правилно, земјава веќе би била во ЕУ.

Ние ги признаваме сите достигнувања и на нив сме горди, но ги признаваме и сите слабости. Овој Извештај го гледаме како патоказ, како водич за тоа што треба да правиме без никаков комплекс и задршки, за сите слабости да ги исправиме и наредниот да биде подобар, особено во клучните области, рече Маричиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.