Премиерот Димитар Ковачевски вели дека не постои политички притисок ниту политичко мешање во случувањата со разрешувањето на директорот на Клиниката за кардиохирургија д-р Сашко Јовев од министерот за здравство Фатмир Меџити. Министерот завчера го разреши кардиохирургот, кој ја водеше првата трансплантација на срце во земјава и уште седум други, како што кажа, поради нерегуларности во работата и дека одлуката нема политичка заднина.

Д-р Јовев, вчера кажа дека не смета оти се работи за политички реваншизам, туку за суета, бидејќи министерот не присуствувал на свечено отворање на хибридна сала на Клиниката. Неговиот адвокат рече дека во решението за разрешување е наведено оти причината е дека д-р Јовев во 2022 два пати дежурал без согласност од министерот, а во тоа време беше Беким Сали на таа функција.

„Министерот за здравство е тој кој управува со сите организации во рамки на Министерството, има над 130 директори. Не верувам дека постои држава која има повеќе директори, заменици и директори на управни одбори. Тоа се колеги кои се познаваат долги години, чии одлуки треба да се носат на мерит систем, врз основа на извештаи кои се добиени од релевантни органи во рамки на Министерството. Јас бев поканет на еден настан, инаку јас бев еден од оние кои директно учествуваа во обезбедувањето на финаински средства за таа хибридна сала. Јас не го правев протоколот, тоа го прават службите“, одговори премиерот на новинарски прашања денеска во Клубот на пратеници после лидерската средба.

Државната агенција МИА денеска објави дека на брифингот на медиумите, на кој неа беа поканети сите новинари, Меџити го повикал Јовев да биде негов национален советник за кардиохирургија. Меџити кажал дека Јовев ќе продолжи да биде вработен во Клиниката и ќе ја има неговата поддршка во понатамошното работење.

На новинарско прашање за неговата заменичка, Маја Манолева, која не се согласувала со одлуката на министерот за смена на Јовев, МИА вели Меџити одговорил оти нема да коментира изјави на други лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.