Бројот на жртви на семејно насилство во 2022 година е намален за 4,3 проценти во споредба со 2021, информира на денешниот брифинг министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Новоевидентирани жртви на семејно насилство за 2022 година, согласно податоците од центрите за социјална работа, се 1 543 лица, од кои најголем дел се жени – 1 074, мажи – 252 и 227 деца. За споредба, во 2021 година, бројот на жртви на семејно насилство бил 1 608.
Најголем број на жртви, како што информира министерката, има во Скопскиот регион, односно 530 жртви, а најмалку во Североисточниот регион – 60. По Скопскиот, најголем број жртви има во Пелагонискиот регион, односно 241 жртва.
Најпријавувано е психолошкото насилство, потоа физичко насилство, има шест случаи на сексуално насилство, како и економско насилство.
– Во делот на типот на насилството најголем дел од жртвите биле жртви на психолошко насилство – 1 051 жртва, после психолошкото насилство доаѓа физичкото насилство со 846 жртви. Имаме пријава на сексуално насилство од страна на шест жртви и 25 жртви се жртви на економското насилство, информира Тренчевска.
Согласно податоците, како сторители на семејно насилство се евидентирани 1.382 лица, од кои најголем дел се мажи, односно 1.258, а 114 се жени.
Од страна на центрите за социјална работ до граѓанските судови се поднесени 2.095 барања за привремени мерки за заштита на жртвите на насилство, а од страна на граѓанските судови се изречени 1.823 привремени мерки за заштита. Во сите плански региони имаме отворени советувалишта за жртви на насилство, имаме отворено советувалиште за насилници и имаме отворено шелтер центри за сместување на жртви на насилство. Во 2022 година имаме 83 жртви коишто се сместени во шелтер центри во државата, заклучи Тренчевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.