Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска примил деца од српска националност од Македонија, кои се во посета на Белград по повод Божиќните празници, и им порачал да ги зачуваат нивните обичаи и култура.

„Чувајте ги нашите обичаи, култура и чесното име на големата српска нација на која ѝ припаѓате. Сакам да ви се заблагодарам што сте тука, верувам дека ќе видите многу во Белград, дека ќе ја засакате Србија, исто како што го сакате местото од кое доаѓате, како што ја сакате и Македонија“, рекол Вучиќ во Српското претседателство, каде што им поделил новогодишни пакетчиња на децата.

Тој упатил честитки по повод Божиќ до српскиот народ и до СПЦ и патријархот Порфириј.

„На нашиот народ во Република Српска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и пред се на нашиот напатен народ во делот на Србија, на Косово и Метохија, дозволете ми да ви кажам благодарам што го задржавте српското име и презиме, што ги зачувавте нашите српски огништа и нашата српска куќа“, рекол Вучиќ.

Вучиќ им се заблагодарил на децата, воспитувачките и наставниците од Скопје, Куманово, Битола, Тетово за доаѓањето во Белград.

„Среќен сум што можам да ве угостам денес на Божиќ. Со радост го чекаме Божиќ со полни срца со љубов, најголемиот христијански празник по Велигден за децата и за сите останати, апсолутно најрадосен“, истакнал Вучиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.