Јован Деспотовски објави дека ќе се кандидира за претседател на СДСМ, а кандидатурата ќе ја поднесе во зависност од роковникот.

Деспотовски вели дека овие избори не треба да се сведат на пазарење, туку на натпревар на концепти и идеи и да им се овозможи на луѓето да се изјаснуваат без притисок и без пазарење.

Деспотовски е уверен дека на партијата, покрај длабоките реформи, и е потребен и лидер кој ќе обединува.

Обединувањето на партијата треба да почне да се случува веќе сега, меѓутоа не на начин на којшто треба сите потенцијални структури или структури внатре да седнат и да се договараат, затоа што тоа е погрешен пристап. Пазарењето е погрешен пристап. Треба да се обединиме околу целта да имаме еден процес во којшто сите членови на партијата ќе им дадеме право, без фаворизирање и без странични игри, самостојно да се изјаснат за програмите кои треба сите кандидати да ги понудат“, рече Деспотовски.

Врз основа на Статутот на СДСМ, одлуките на Централниот одбор и одлуката на Извршниот одбор од денеска СДСМ објавува Отворен повик за самокандидирање на сите заинтересирани кандидати за Претседател на партијата.

Постапката за кандидирање започнува од 31.05.2024 и ќе трае седум дена, до 06.06.2024 година.

Покрај Деспотовски, уште неколку имиња се споменуваат во контекст на изборот на нов лидер на СДСМ. Министерката за одбрана во заминување Славјанка Петровска најави дека ќе се кандидира за претседателка на партијата. Како еден од можните кандидати за нов претседател на СДСМ се споменува и Венко Филипче, па дури не е исклучено и Зоран Заев да се обиде да се врати на лидерската позиција во партијата. Во медиумите се споменува и името на Оливер Спасовски, но според партиски извори тој би имал мали шанси да дојде на лидерската позиција.

Деспотовски пред три години исто така учестуваше во трката за претседател на партијата, заедно со Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Властимир Алексовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.