Врховниот суд на Република Македонија е ажурен суд бидејќи го совладал приливот и го намалил заостатокот на предмети, посочува денеска усвоениот Извештај на Судскиот совет на Република Македонија за работата на судовите за 2022 година.Како што се наведува во соопштението од Врховниот суд, во Извештајот кој е поднесен до Судскиот совет, нотирана е ефикасната работа по предмети на Судот, динамиката на утврдувањето на начелните ставови, правни мислења и заклучоци, унапредувањето на судската практика во согласност со позитивната оценка на Европската Комисија за судот и во согласност со стандардите на Европскиот суд за човековите права.Во Извештајот, исто така, се нотираат и податоците за целокупното административно и финансиско работење, подобрувањето на условите за работа, унапредената транспарентност и преземањето активности во поглед на независноста и ефикасноста на судството.

Според претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, ажурноста на Врховниот суд се должи на заложбите за ефикасното постапување и одлучување по предметите за кое значаен придонес има и новиот Деловник на Врховниот суд кој како клучен документ за организирањето и ажурноста на судот се донесе после 23 години, стои во соопштението од Врховниот суд.

Судскиот совет на денешната седница едногласно со 13 гласа го разгледа и усвои Извештајот за работата на судовите за 2022 година, согласно кој судовите на ниво на државата не го совладале приливот на предмети и го зголемиле за околу 11 илјади.

Согласно Извештајот од вкупно 34 суда, во 2022 година за ажурни се сметаат 19 меѓу кои е и Врховниот суд.

Врховниот суд за разлика од 2021 кога бил неажурен во 2022 се смета за ажурен, бидејќи го совладал приливот и го намалил заостатокот за 149 предмети, наведено е во Извештајот.

Во Извештајот на Судскиот совет за работата на судовите за 2022 година, за неажурни се посочени 15, од кои два апелациони.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.