Врховниот суд донесе решение за предметот во врска со екстрадицијата на поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани, баран од Србија како сомничен за воени злосторства на Косово, со кое се укинува Решението на Основниот кривичен суд Скопје и предметот се враќа на повторно одлучување и постапување. Решението на Кривичниот суд што го донеле тројца судии беше дека нема основа за екстрадиција на Рамадани, кој и онака избега од куќниот притвор што му го додели судијата Пајазит Пајазити од истиот суд.

Пајазити го пуштил да избега бараниот со потерница Блерим Рамадани, но други тројца судии згрешиле со екстрадицијата. Куќниот притвор е еден пропуст, екстрадицијата е друг пропуст од истиот суд.

„Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, при донесување на својата одлука со која утврдил дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на именуваното лице, не дал образложени причини од кои се раководел кога прифатил дека постапката започната согласно член 75 став 1 од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, како скратена постапка да се води како редовна постапка согласно член 68 во врска со член 51 од истиот закон. Ваквото постапување и донесување на одлука на првостепениот суд по оценка на Врховниот суд на Република Македонија е нејасно и неразбирливо, без дадени релевантни причини од кои советот се раководел при донесување на својата одлука“, соопшти Врховниот суд.

При повторното постапување, првостепениот суд е должен да ги има предвид наведените укажувања, како и одредбите од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја и Европската конвенција за екстрадиција со Првиот и Вториот Дополнителен протокол во врска со Законот за ратификација на Третиот Дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција, па врз основа на истите со правилна примена на одредбите да донесе правилна и законита одлука, бара Врховниот суд.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.