Да се излезе на избори и да се гласа не е само привилегија, туку и одговорност. Изборите се време кога почнува да се одмерува изразувањето на волјата на граѓаните. Кога граѓаните гласаат, тие ѝ даваат или одземаат доверба на одредена политичка опција да управува со нив и со Македонија. Тоа е рационален и социјален чин на избор. Гласањето е показ и доказ за зрелоста на демократијата. Преку гласањето, не само што ја изразуваме нашата индивидуална волја, туку го користиме правото на избор, како најсилно оружје, за да ги одбраниме нашите ставови, идеи и одлуки. Секој глас директно влијае во формирањето на политичките одлуки кои имаат влијание на нашето секојдневие.

Гласот со кој одлучуваме е еднакво силен и важен од кого и да доаѓа, зашто ја одредува иднината и на оние со ниски пензии и на оние со високи плати. Затоа, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, верници и неверници, искористете го правото и исполнете ја обврската. Гласајте за себе, гласајте за своите семејства, гласајте за да покажете дека имате мислење!

Бојкотот е опасна идеја

Идејата која се заговара по исходот од првиот круг на претседателските избори дека треба да се бојкотира вториот круг на претседателските избори е повеќе од опасна и е одраз на тоа што одредени структури го ставаат теснопартискиот интерес над државниот.

Иако меѓу двата круга оваа идеја гласно се критикуваше од страна на оние кои излегоа губитници во првиот круг, бројките на терен покажуваат поинаква слика.

Што значи бојкотот на претседателските избори?

Накратко – бојкот на претседателските избори значи уставна криза за државата.

И најважното: доколку не успеат претседателските избори, ова ќе бидат последни избори на кои шеф на држава ќе бираме на избори. Следниот претседател ќе се избира во Собранието, а тоа сигурно нема да биде претседателот за кого можевте да гласате.

Затоа памет во глава и сите на гласање!

Дел од граѓаните се во дилема дали може да се бојкотираат претседателските избори во ситуација кога заедно се одржуваат и парламентарни избори.

Да, може да се бојкотира, бидејќи иако изборите се одржуваат во еден ден станува збор за одвоени избори. Граѓанинот едноставно може да земе гласачко ливче само за парламентарните избори а да одбие да земе ливче за парламентарните.

Изборот за претседател на држава е таков што за да биде избран во вториот круг треба да бидат излезени  40 отсто од запишаните гласачи. На Избирачкиот список има запишано нешто над 1.800000 гласачи. Значи за да бидат успешни изборите МОРА да излезат околу 720.000 гласачи.

Анализирајќи ја излезноста до 9 часот, иако бројките се мали, се забележува бојкот на претседателските избори во албанските средини. Ова претставува опасност да се стигне минималниот праг од 720.000 гласачи.

Друга работа која укажува на тоа дека Македонија ќе влезе во интитуционална криза е недореченоста на Уставот и Изборниот законик за повторен избор на претседател на држава. Членот 81 од Уставот вели дека при неуспешен избор се повторува целата постапка но нема никаков рок во кој би се повторила целата постапка.

Нешто појасен по ова прашање  е Изборниот законик кој член 14 став 2 вели: Во случај на престанок на мандатот на претседателот на државата од кои и да е причини изборот на претседател се врши во рок од 40 дена од престанокот на мандатот.

Во сегашниот случај би било 40 дена после 12 мај кога завршува мандатот на актуелниот претседател.

Имај мислење, гласај!

Со тоа што ќе го искористиш правото на глас, се грижиш за твоите блиски и сакани, се грижиш за иднината на татковината и им даваш одличен пример на новите генерации. Доколку на овие избори излезеш и гласаш, ќе ги мотивираш сите околу тебе да го искористат нивното право и да ја исполнат нивната основна обврска. Гласај, за да им покажеш и на останатите дека не е до нив, до нас е.

Твојот заокружен избор е таен и останува меѓу тебе и параванот, но во моментот кога гласаш, гласно се бориш за твоите потреби. Гласај, затоа што тоа е единствениот начин да го искажеш твојот став, твоето размислување, твојата желба и твојата идеја за подобра држава. Гласај, затоа што гласањето не е само право на избор, туку е и израз на твоја граѓанска совест, свест и одговорност.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.