Алијанса за Албанците на Арбен Таравари и партиите од коалицијата Европски сојуз за промени (ЕСП), Демократско движење, Движењето БЕСА и Алтернатива, денеска потпишаа Декларација за обединување во пресрет на претседателските и парламентарни избори под слоганот „Вреди“.

Во декларацијата што ја потпишаа лидерите на АА Арбен Таравари, на Демократското движење, Изет Меџити, на Алтернатива Африм Гаши и на Движењето Беса Биљал Касами, истакнуваат дека поставуваат темели на нова ера кај албанските партии во државава. Кандидат на четирите партии за претседателските избори ќе биде Таравари.

Денеска со потпишувањето на оваа декларација, на овој ден каде ја одбележуваме и независноста на Косово, поставуваме темели на нова ера кај албанските партии во Република Македонија. Оваа декларација е заедничка платформа на сите општествени субјекти и фактори кои оценуваат дека дојдено е времето за голема политичка промена во земјата. Денес, од овој масовен собир, ги повикуваме сите, без разлика – млади, неопределени, очајни, активисти и аналитичари – Придружете се кон промената која доаѓа – рече Меџити.

Таравари изрази надеж дека после 8 мај ќе се случела долгоочекуваната промена во албанскиот блок.

Денеска се официјализира соработката помеѓу албанските опозициски партии првпат после 2011 година кога Албанците генерално гласаат за промени, но не успеваа опозициските партии да најдат заеднички јазик да соработуваат. Јас сум многу среќен што потпишавме Декларација за соработка и се надевам на 8 мај ќе се случи долгоочекуваната промена во албанскиот политички блок – изјави тој.

Касами, пак, рече дека вклучувањето на АА во коалицијата ја покажува одлучноста, револуционерниот дух и волјата за промена на албанскиот народ.

Бидете уверени дека Вашата одлука да бидете дел од овој процес е вреден – посочи Касами.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.