Вработените во Управата за водење матични книги, кои се во непрекинат штрајк, од 26 април денеска повторно се на улица. Од изутрина ја блокираат улицата „Мито Хаџивасилев Јасмин“, пред поранешната зграда на НИП „Нова Македонија“, во која е сместена дирекцијата на Управата.

Револтот кај овие вработени кои бараат повисоки плати и потпишување колективен договор на ниво на работодавец, денеска го крена информацијата дека од дирекцијата најавиле кратење на платите ако штрајкот веднаш не заврши.

Ми се јавија и ми рекоа дека ако престанеме со штрајкот нема да ни ги кратат платите, а ако не престанеме, ќе ни ги скратат. За мене, како претседател, тоа е закана. Го прашуваме претставникот на директорот што значи тоа, тој вели дека сега мора да се скратат платите. Но, има законско решение дека не мора да ни се скратат платите. Меѓу вработените има самохрани родители, луѓе кои живеат со плата од 18.000 денари со која не знаат како да преживеат и уште да им ја скратат. Ние немаме колективен договор, а тие се повикуваат на колективниот договор потпишан од УПОЗ. Тоа не е законски. Тие всушност и не знаат кој штрајкува, само имаат усна информација од раководителите за тоа кој е во штрајк. Немаат ништо написмено, вели претседателот на Независниот синдикат на Управата, Тони Милошески за весникот ВЕЧЕР.

Меѓу штрајкувачите беше и претставник а директорот, но тој одби да зборува за најавата за кратење на платите.

Пред околу две недели, на средба во Министерството за правда, кое е надлежно за Управата, беше постигнат начелен договор и за платите и за колективниот договор, но се чекаше виза од Министерството за финансии. Бидејќи оттаму не дојде одговор, штрајкувачите минатата недела протестираа пред Министерството за финансии, но не беа примени. Следниот ден министерот за финансии Фатмир Бесими изјави дека министерството што го води не е адреса за штрајкувачите и дека со ребалансот на буџетот нема средства за работи кои претходно не се договорени.

Од Министерството за правда неодамна забележаа дека дел вработените воопшто не одат на работа за време на штрајкот, но револтираните штрајкувачи денеска  ни изјавија дека тие се секој ден на работа, а  бараат покачување на платите за 30 проценти и потпишување колективен договор на ниво на работодавец.

Секој ден сме на работа, а тие сакаат да ни ги скратат платите. За жал, штрајкуваме и 80 до 90 проценти издаваме изводи. Знаете што значи штрајк? Затворање врата и неработење. Кај нас сите потсистеми функционираат, ни изјави вработена во Управата.

Штрајкот на вработените во матично трае 40 дена, а толку време граѓаните не можат да добијат изводи од матичните книги на родените, умрените и венчаните, не можат да ги пријават новороденчињата, ниту да закажат венчавка, а се издаваат само документите кои се итни, пред се оние поврзани со здравствени проблеми.

Ги примаме сите барања, но не издаваме изводи. Не се пријавуваат новороденчиња, а се венчаваат само паровите кои се пријавиле пред штрајкот. Нови венчавки не закажуваме додека не заврши штрајкот. Извод од матичната книга на родените е потребен за упис во училиште, но ние не издаваме нови изводи. Родителите можат да си ги запишат децата и со изводот што го имаат дома, тоа не е проблем, зашто за тие што се до 18 години нема никакви промени. За уписи на факултет уште е рано, за тоа има време, зашто уписите се во август. Се надеваме дека до тогаш ќе заврши штрајкот и ќе почнеме да издаваме документи, ни појасни вработена во матичната служба во скопски Илинден.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.