Членови на Независниот синдикат на Управата за водење на матични книги, денеска протестираа пред Министерството за финансии со барање да остварат средба со претставници на Министерството. Марјан Ристески, Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ), рече дека очекуваат да им се каже што се случуваа со оваа категорија вработени, односно дали има пари за реализација на нивните барања согласно со колективниот договор за којшто се усогласија со Министерството за правда и за линеарно зголемување на платите за 30 проценти.
– Се штрајкува, не се даваат изводи, нервоза кај вработените. Ова е игра на нерви од нивна страна, на издржливост, не знам што. Најверојатно имаат некоја стратегија, нека кажат која. Доколку и понатаму не се огласат за нашите барања следниот чекор ќе биде масовен протест пред Влада. Сите институции ги поминавме, остана уште премиерот Ковачевски.
Се добива впечаток дека воопшто не се заинтересирани, рече Ристески. Оваа категорија вработени, посочи Ристески, ги имаат сите податоци за граѓаните од моментот кога се родени се до крај на животот.
– Преку триесет години никој не се интересира за оваа категорија на вработени колку имаат обврски. Имаа од колегите кои и кривично одговараат. Работат со класифицирани документи. Ние не ги делиме вработените, меѓутоа секој мора да си биде платен според процентот на работа, додаде Ристески.
По усогласувањето на синдикатот со МП за колективниот договор тие најавија дека ќе продолжат со штрајкот, што трае веќе еден месец, се додека договорот не биде одобрен од Министерството за финансии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.