Државниот санитарен и здравствен инспекторат, вчера извршил вонреден инспекциски надзор во кумановската општа болница за случајот со починатата родилка, соопшти в.д. директорот на ДЗСИ, Кирил Лазов. Состојбата со новороденчето е непромената, информираа од Детска клиника. Од Јавното обвинителтво (ЈОРСМ) ги чекаат потребните анализи од надлежните институции за утврдување на фактичката состојба.

Триесет и едногодишната родилка која почина во кумановската болница при породување била во добра здравствена состојба, редовно се прегледувала кај матичен гинеколог покажа вонредниот инспекциски надзор што вчера го спровеле инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Надзорот кај матичниот гинеколог покажал дека родилката навремено се јавувала во текот на бременоста, правела редовни контроли, пациентката била во добра здравствена состојба при втора уредно контролирана бременост и немало отстапувања. Инспекторите извршиле и вонреден надзор и во болницата.

Ден по приемот, на 27 септември поставена е индикација за породување и околу 15.00 часот отпочнало аплицирањето терапија за отпочнување на породувањето. Истата терапија повторно е дадена во 19:30 часот кога дошло до нагло влошување на здравствената состојба на родилката (во 19.40) после кое била итно спроведена во операциска сала и извршен царски од страна на дежурниот тим лекари (специјалист по гинекологија и акушерство, специјализант по гинекологија и акушерство и специјалист анестезиолог). Во 20 ч 30 миннути изваден е плодот а во 20 часот и 45 минути е констатирана смрт на родилката од страна на анестезиолог, се вели во извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Лекарите од Детска клиника сè уште ја следат состојбата на новороденчето.

Состојбата на новороденото е непроменета, лекарите ја следат здравствената состојба. Новороденчето е на одделот за интензивна нега и терапија и е на механичка вентилација и ја добива потребната здравствена нега, изјави директорот Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди.

Од ЈОРСМ ги чекаат анализите од надлежните институции за утврдување на фактичката состојба и евентуалната одговорност за случајот со младата кумановка.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.